Линкови за пристапност

Американците сакаат да слушаат македонска музика, велат македонски музичари од САД


Дуке Бојаџиев, Крсте Роџевски и Исмаил Лумановски се македонски музичари кои повеќе од две децении творат во Соединетите Американски Држави. Неодамна, по пауза од неколку години, повторно се собраа и одржаа настап пред македонската дијаспора во Чикаго.

Бојаџиев, кој важи за еден од најистакнатите македонски композитори, долги години живееше и работеше во Њујорк, но од пред четири години својата работа ја продолжи во Европа. За Гласот на Америка рече дека е среќен што по долга пауза повторно настапува во САД.

„Возбудливо е, во секој случај. Во Америка имав едно искуство, сега и во Европа работам со луѓе од цел свет, така да возбудливо е на двете места и сега после четири години прв пат сум во Чикаго, односно прв пат сум во Америка каде што поминав дваесет, така да посебна возбуда ми е по готово со Крсте и со Исмаил со кои што немаме заедно свирено седум или осум години, се немаме тројцата споено. Баш специјален момент кој не инспирира да продолжиме со оваа комбинација затоа што имаме нешто уникатно, долги години имаме работено и се осеќа тоа како свириме“, вели композиторот, пијанист и продуцент, Дуке Бојаџиев.

Виртуозот на кларинет по потекло од Битола, Исмаил Лумановски кој има настапувано во врвни концертни сали како „Ратхаус“ во Виена, „Карнеги хол“ во Њујорк, „Сал плејел“ во Париз, палатата Емирати во Абу Даби, центарот Кенеди во Вашингтон, центарот Беркли во Бостон и многу други, вели дека Американците сакаат да слушаат македонска музика.

„Па, да. Имаат интерес за музика од целиот Балкан генерално, но интересот во западниот дел на Америка мислам дека е малку поголем отколку во источниот. Тука имаше еден бран во 90-тите години еден таков бран каде што нашата музика беше многу попопуларна, познат како во стил беше, во тренд беше, но во Западна Америка тој тренд продолжува на некој начин, барем јас имам такво чувство“, изјави кларинетистот Исмаил Лумановски.

Следејќи ја својата пасија за свирење на мандолина и на гитара уште во детството, д-р Крсте Роџевски покрај тоа што работи како психијатар во Њујорк, тој исто така е вокалист, гитарист и композитор. Роџевски за Гласот на Америка го раскажа патот до успешен музичар.

„Свирев во некои бендови во средно школо, и после тоа на медицинскиот факултет направив пауза. Кога се преселив во Америка почнав повторно да свирам поактивно. Така да, 30 години се занимавам со музика на некој начин. Имам шест студиски албума со американски музичари од њујоршката сцена, два од нив се на македонски, другите се на англиски јазик, и концептите се како кант автор значи музика текст и соработувам со некои џез музичари од импровизационата сцена на Њујорк кои влегуваат во мелодијата, едноставно импровизираат врз основа на основата. Соло кариера започнав во 2015 година, пред тоа соработував и со Дуке и со Исмаил. Бев гостин на неколку ЦД-а на Дуке во филмска музика итн“, вели д-р Крсте Роџевски, вокалист, гитарист и композитор.

Иако со години не живеат во својата родна земја, Дуке, Исмаил и Крсте ја промовираат македонската музика и култура во САД и во светот преку нотите на музиката.

XS
SM
MD
LG