Линкови за пристапност

Само во Америка: Атракции покрај патот


Одамна е минато времето на локални бизниси кои можат да ве одвлечкаат по споредни патишта, но оние што останале се` уште нудат топлина

Во првата половина на 20-от век, во сојузните држави интензивно се градеа патишта за да ја задоволат растечката страст на Американците за автомобили. Овие патишта не се како денешните, широки и наменети за развивање голема брзина на нив. Тогашните имаа само по две ленти, и минуваа низ секој град, без оглед на величината.

Потребно е многу време да се мине макар и мал дел од државата, заради што возачите и нивните семејства секогаш бараат да најдат нешто што ќе ја растури монотонијата.

По патиштата разни претприемачи изградиле мали забавни паркови и ресторани и таканаречени семејни мотели. Има фарми за змии, пештери, мали зоолошки градини и други нешта кои можат да го привлечат вашето внимание. Речиси секое од овие места се во приватна сопственост.

Некои сопственици се многу креативни и нивниот бизнис го претвораат во туристички атракции, како гигантски шолји за кафе, огромни хамбургери, холандски ветерници, вагони, бродови ...

Не зборуваме за знаци кои личат на овие објекти. Цели згради има кои личат на цепелин во реална големина, или старовремски чевел од книги за деца. Близу Еверет, во Пенсилванија, на пример, некој изградил продавница за сладолед во облик на топка сладолед , врз која има чоколаден сос и на врвот цреша.

Насекаде може да видите бизниси во форма на слатки кифли, светилници, па дури и авион (последново беше коктел-бар).

Но во услови кога патиштата се брзи, прави и широки, желбата на малите бизниси да ве одвлечкаат на страна, не успева секогаш.

Луѓето што се на пат станаа опседнати со униформност. Ако видите знак за „Кентаки фрајд чикин“ во Вајоминг, вие веќе знаете дека тоа пилешко ќе има вкус како она во Индијана од истата фирма. Но ако видите ресторан во форма на кокошка, веројатно ќе помислите дека е чудно и - нема да запрете таму да јадете.

Сосема малку од старите идиосинкратични места се` уште стојат, а уште помалку се во бизнис. Повеќето се одамна урнати и заборавени. Но оние кои останале и каде ќе решите да застанете, можат да ве почестат со многу насмевки што ќе ги запаметите.
XS
SM
MD
LG