Линкови за пристапност

Волерс: Ставањето на проблемите под тепих не е решение


Амбасадорот на САД се заложи за подобар соживот и борба против омразата во говорот во Меморијалниот центар на холокаустот во Скопје

Проблемите во секое општетство можат да се решаваат само преку соочување со нив и дијалог, а не со насилства или игнорирање, порача амбасадорот на САД во Македонија, Пол Волерс. Говорејќи денеска во Меморијалниот центар на холокаустот во Скопје, по повод потпишувањето на Меморандумот за соработка на Еврејската заедница во земјава, Институтот за национална историја од Скопје и Институтот за културно и духовно наследство на Албанците од Скопје, Волерс рече дека е потребна заедничка работа на создавање подобар соживот и меѓусебно разбирање и заедничка борба против омразата.

„Пред неколку недели, илјадници демонстранти маршираа овде во Скопје, да протестираат протв одлуката во таканаречениот судски случај Монструм. Без оглед на чувствата за овој случај, јасно е дека голем процент од ова општество не верува во еднаков третман пред законот. Во интерес на оваа Влада е да го препозне овој проблем и да преземе чекори за да најде решение за проблемот. Ако се занемари или се стави под тепих, само ќе го зголеми проблемот... Пред неколку недели беа нападнати поддржувачите на ЛГБТ центар во Скопје. Ги охрабруваме властите да спроведат истрага, да ги идентификуваат и да ги изнесат пред правдата одговорните за овој напад. Треба да испратиме јасен сигнал дека насилството никогаш не е начин за справување со разликите“, истакна амбасадорот.

Тој призна дека ниту во неговата татковина не е се идеално.

„Не би сакал да мислите дека со прст покажувам само кон проблемите во Македонија - и мојата земја не секогаш успевала во обезбедување на отвореност и инклузија, но кога тоа се случува, се трудиме да учиме од грешките“, рече Волерс.

За првиот американски дипломат во земјава, потишувањето на Меморандумот е уште една можност за справување со омразата, насилството и теророт.

„Кога зборуваме за холокаустот, претседателот Обама рече дека гласот на оние кои беа убиени, не` повикува да не заборавиме, со зборовите „никогаш повеќе“. Тоа е предизвик за сите нас, како личности, да ја елиминираме омразата од нашите срца и од нашите глави. Тоа може да биде тежок процес. Многу е лесно да гледаме назад и да говориме за насилствата и за непријателствата, но во секојдневниот живот е предизвик да се прашаме: Дали и ние сме дел од проблемот во нашето општество, во нашите држави?“, праша Волерс. Тој додаде дека омразата во денешни услови не мора да биде гласна и варварска, како што е во Ирак и во Сирија, туку „некогаш е тивка и расте во самите заедници и не секогаш екстремистите мора да бидат гласни за таа да се прошири“.

XS
SM
MD
LG