Линкови за пристапност

Бејли во Куманово: Граѓаните ги отфрлија тезите дека се работи за меѓуетнички конфликт


Амбасадорот на САД во Република Македонија, Џес Бејли
Амбасадорот на САД во Република Македонија, Џес Бејли

Американскиот амбасадор изјави дека дошол во посета за да го потврди пријателскиот однос на САД кон Македонија

Амбасадорот на САД во Република Македонија, Џес Бејли, заедно со министерот за внатрешни работи Митко Чавков и градоначалникот на Куманово Зоран Дамјановски денес го посети овој град каде што 9-ти мај се случи вооружен судир меѓу полицијата и поголема криминална вооружена група.

Посетата на амбасадорот Бејли била планирана пред две недели, за да се одбележи реализацијата на проект во областа на земјоделството, поддржан од Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД), но поради вооружениот судир посетата била одложена.

„Изразив мое сочуство до сите чинители и до граѓаните за големите загуби, како и поради траумата која ја преживеаја пред две недели. Но, тоа што е најбитно, а што ме трогна, е начинот на кој граѓаните ги отфрлија тезите дека се работи за меѓуетнички конфликт, и тоа е многу битна порака. Денес сум во Куманово за да го потврдам пријателскиот однос на САД кон Македонија, но и да разговарам со претставниците на локалната самоуправа на градот, изјави амбасадорт Бејли.

Во врска со настаните од 9-ти мај, новоименуваниот министер Чавков изјави дека станува збор за изолиран случај којшто немал поддршка од локалното население.

Министерот Чавков кажа дека Куманово по инцидентот со терористичката група е безбеден град за живеење. Во врска со акцијата на полицијата, тој рече дека била спроведена по добивање на релевантни информации за тоа што се случувало на теренот и по развивањето на информациите било дејствувано со елиминирање на сите ризици.

Чавков, Бејли и Дамјановски направија обиколка и во населбата Диво насеље каде што се случи инцидентот во којшто животот го загубија осум припадници на полицијата и 12 членови на вооружената група.

XS
SM
MD
LG