Во постојана комуникација сме со министерствата за правда од соседните држави и очекуваме истиот (Артан Груби н.з.) во брзо време да биде лишен од слобода или лоциран, по што ќе ги преземеме сите мерки за екстрадиција во Република Македонија. Тоа во разговор за Гласот на Америка го истакна Ален Деребан, заменик министер за правда.
Глас на Америка: Господине Деребан, сè погласни се барањата на актуелната власт, чијшто дел сте и вие, за колективна оставка на Судскиот совет и разрешување на Јавниот обвинител Љупчо Коцевски. Дали сметате дека тоа ќе ја врати довербата во правосудството која изнесува само 2 отсто?
Во заблуда сме ако сметаме дека барањата за оставка на членовите на Судскиот совет и на јавниот обвинител, доаѓаат само од извршната власт. Тие барања потекнуваат и од граѓаните, судиите, јавните обвинители, адвокатите, правосудната фела и тие барања се сосема легитимни и повеќе од оправдани.
Ние како извршна власт во изминатиот период трпевме и критики за високиот праг на толеранција и трпение спрема претходно споменатите, меѓутоа кога споменатите во континуитет продолжиле да работат против Уставот и законите на Република Македонија, не ни преостануваше ништо друго, односно да ги преземеме тие чекори и преку пратениците во Собранието да поднесеме интерпелација против пет члена на Судскиот совет, избрани од Собранието, и Владата да го задолжи Министерството за правда да иницира постапка за разрешување на Јавниот обвинител на Република Македонија.
Овие потези беа многу добро поздравени од граѓаните, и тоа е одговор на моето прашање, дали сметам дека со тие потези, ќе се врати довербата на граѓаните во судството.
Глас на Америка: И сметате дека ќе се врати довербата?
Секако дека ќе се врати довербата. Мора да започнеме од некаде, а после тоа следуваат сите реформи во правосудниот систем.
Глас на Америка: Во јавноста тоа се толкува и како политичко мешање во судската власт, која според Уставот треба да биде независна.
Нема никакво мешање на политиката во судската власт, напротив станува збор за департизација на Судскиот совет и на правосудните органи, кои се и тоа како партизирани.
Во Судскиот совет има членови, кои пред да бидат избрани како членови во Судскиот совет, беа високи партиски активисти во СДСМАлен Деребан
Во Судскиот совет има членови, кои пред да бидат избрани како членови во Судскиот совет, беа високи партиски активисти во СДСМ. Таков е случајот со Весна Дамева и Тања Чачанова, каде кружеа фотографии со поранешниот премиер, Зоран Заев на социјалните мрежи, како дел од правната комисија на СДСМ.
Дополнително интерпелацијата е регулирана со Устав на Република Македонија, а постапката со деловникот за работа на Собранието, што значи дека станува збор за легален законски процес.
Што се однесува со разрешување на Јавниот обвинител, тоа е регулирано во Законот за Јавното обвинителство, и тој процес се спроведува согласно Законот. Разрешувањето ќе се бара согласно по член 91, став 1, алинеа 6 од Законот за Јавно обвинителство поради намерна и неоправдана, направена крупна професионална грешка, во врска со член 88, став 4, став 7 од Законот за Јавно обвинителство.
Глас на Америка: Како да се подобри борбата против корупцијата. Северна Македонија бележи пад за 12 места во борбата против корупцијата на листата на Транспаренси интернешнл?
Тие се нотирани како неказнивост на носители на јавни функции поврзани со криминал и корупција, и нивно политичко влијание врз судството. Неажурноста на Јавното обвинителство во гонење на сторителите на криминал и висока корупција, непостапување на Јавното обвинителство по иницијативите на Државната комисија за спречување на корупција, и фактот што самото Јавно обвинителство во случајот со поранешниот член на Советот на јавни обвинители, е вмешано директно во криминал и корупција, лошото постапување и надзор на работата на судиите од страна на Судскиот совет, 40-те препораки на оценската мисија на ЕУ, незаконски спроведениот процес за избор на кандидати во Академијата за судии и јавни обвинители во време на изборен процес.
И ако ги сумираме сите тие причини, повторно се враќаме дека е нужно преземање на сите тие процеси, кои што некои чинители ги карактеризираат како мешање на извршната во судската власт, а се токму спротивното, борба против криминалот и корупцијата.
После тоа треба да се спроведат реформски процеси. Во Министерството за правда работиме на донесување на нови законски решенија, и измена на постојните, имплементирање на меѓународните стандарди, а многу важна е и неселективната примена на законите во пракса.
И на крај одговорност, секој оној кој сторил кривично дело или прекршок за истото мора да сноси одговорност, без разлика за кого станува збор.
Глас на Америка: Колку е важна „црната листа“ на САД, на која се наоѓаат и некои сегашни и поранешни македонски функционира и дали чувствувате дека тоа ги натера домашните судови да почнат да дејствуваат?
Обвинителството или е неспособно да ги обезбеди тие докази или поради лукративни причини не сакало да ги обезбеди тие доказиАлен Деребан
Многу е жално за нас, кога мора прво САД да ги постават на „црната листа“ за потоа Јавното обвинителство да презема било какви дејствија и да отпочне некакви процеси, иако доказите врз основа на кои САД ги поставила тие лица на „црна листа“, фактички постојат во нашата држава.
Обвинителството или е неспособно да ги обезбеди тие докази или поради лукративни причини не сакало да ги обезбеди тие докази. Имаме случаи, каде против тие лица се поднесувани кривични пријави, и истите се држеле во фиока или се отфрлале од страна на Обвинителството, што придонело особено со измените на Кривичниот законик од 2023 година, да придонесат за застарување на одредени дела за тие личности и за тоа некој мора да сноси одговорност и во Обвинителството.
И покрај тој факт, чувствуваме дека има поголема ажурност на Обвинителството, но сè уште немам слушнато дека е поднесено некое сериозно обвинение, против некое од тие лица, уште помалку дека е донесена правосилна или неправосилна пресуда.
Глас на Америка: Каде се наоѓа поранешниот прв Вицепремиер Артан Груби, кој е во бегство, и дали имате добиено некаква информација после распишувањето на меѓународната потерница, каде можеби се наоѓа тој?
После распишување на меѓународната потерница за него, немаме добиено повратен одговор и поради тоа не можам точно да кажам, каде тој се наоѓа во моментов. Иако, како Министерство за правда, сме во постојана комуникација со Министерствата за правда од соседните држави и очекуваме истиот во брзо време да биде лишен од слобода или лоциран, по што ќе ги преземеме сите мерки за екстрадиција во Република Македонија и соочување со правдата во Република Македонија.