Линкови за пристапност

Александар Камбовски е нов претседател на Судскиот совет


Камбовски беше избран едногласно со тринаесет гласа „за“
Камбовски беше избран едногласно со тринаесет гласа „за“

Камбовски ги охрабри судиите да работат според Уставот и законите и нагласи дека тие ќе имаат безрезервна поддршка а за оние кои нема да ги почитуваат законите најави одговорност. Судиите кои имаат притисок или ако некој се обидува да им врши влијание им порача слободно да се обратат за заштита.

СКОПЈЕ – Судијата Александар Камбовски, кој доаѓа од битолска Апелација е новиот претседател на Судскиот совет. Тој беше избран едногласно од тринаесетте члена на Советот. Камбовски беше предлог на членот на советот Исамедин Лимани кој нагласи дека Камбовски доаѓа од втората генерација на Академијата за судии и јавни обвинители.

По изборот Камбовски кажа дека ги охрабрува судиите да работат според Уставот и законите и нагласи дека тие ќе имаат безрезервна поддршка. За оние судии кои нема да ги почитуваат законите најави одговорност. На колегите судии им порача дека ако имаат каков притисок или ако некој се обидува да им врши влијание слободно да се обратат за заштита.

„Голема чест ми направија колегите и голема доверба ми дадоа да имам улогата на претседател. Бидете уверени дека оваа институција ќе се води со интегритет и непристрасност, со максимални напори за заштита на судската независност на сите судии во нашата држава. Ова е куќа на судиите и куќа за судиите. Покрај тоа што ја контролираме нивната работа ги охрабруваме да работат согласно законите и Уставот и сите тие судии кои постапуваат на овој начин ќе ја имаат нашата безрезервна поддршка. Оние другите судии кои не постапуваат на овој начин ги уверувам дека нема да помине без никаква одговорност. Сакам да нагласам ова да го чувствуваат како нивен дом, заедно сме во правосудниот систем и заедно треба да придонесуваме да биде подобар бидејќи сите живееме во оваа земја и сакам да имаме независно и слободно судство“, рече Камбовски.

Камбовски беше избран за член на Судскиот совет во јуни минатата година а членовите на Судскиот совет и претседателот имаат мандат од 6 години.

Околу најавите за разрешување на петмината членови на Судски совет избрани од Собранието, откако во законодавниот дом беше усвоен негативен извештај за работата, Камбовски на став дека мора да се постапува согласно законите.

„Во принцип Судскиот совет не сака да коментира изјави на поединечни политичари но длабоко сме уверени дека Собранието како уставотворец и законодавец ќе ги почитува и Уставот и законите. Да почекаме да видиме што ќе се случи. Не би сакал да шпекулирам, очекувам да се постапува согласно законите“, изјави Камбовски.

Сега веќе експретседателката на Судски Совет Весна Дамева, на 2 декември минатата година и на три дена пред истекот на нејзиниот мандат поднесе неотповиклива оставка но остана член на советот. Во образложението а одлуката таа кажа дека се повлекува од функцијата поради константи притисоци од претставници на власта и го обвини премиерот Христијан Мицкоски дека сака да го наруши нејзиниот интегритет.

Изборот на нов претседател на Судскиот совет беше одложен бидејќи советот не беше комплетиран и по недостасуваа двајца судии. За нови членови на Советот од редовите на судиите беа избрани Аритон Ала од скопскиот Апелациски суд и Данка Ристова од штипскиот Апелациски суд. Ристова која е сопруга на градоначалникот на Радовиш Ацо Ристов од редовите на ВМРО-ДПМНЕ предизвика реакции во јавноста и обвинувања за партизација на Судскиот совет.

Судскиот совет минатата година беше во фокусот на јавноста откако во април, на предлог на заменикот на советот Селим Адеми, Дамева беше разрешена а за претседател беше назначен Сашко Георгиев но потоа Управниот суд го поништи разрешувањето и изборот па Дамева повторно застана на чело на Судскиот совет.

Довербата од два проценти во судството како и апсењето на врховниот судија Наќе Георгиев беа адути на владејачката гарнитура и премиерот Мицкоски која бара смена на членовите на Советот.

XS
SM
MD
LG