Пет илјади луѓе ни умираат годишно од аерозагадување. Едно од девет деца што умира во државава е поради аерозагадување. Не сме во воена состојба да губиме толку луѓе од проблем што е решлив.
Тоа во изјава за Гласот на Америка го истакна Горјан Јовановски, еко-активистот од иницијативата „Зелен хуман град“ за време на денешниот протест во Скопје против аерозагадувањето. Протестот почна пред Министерството за животна средина, продолжи пред Собранието и заврши пред Владата.
Не е прва година да организираме протест и да испраќаме барања, но за жал, завршува на ‘Јас не сум одговорен’, ‘Јас не сум надлежен’Горјан Јовановски, Зелен хуман град
„Сите барања се и ќе се испраќаат до сите овие институции. Не е прва година да организираме протест и да испраќаме барања. За жал, завршува на ‘Јас не сум одговорен’, ‘Јас не сум надлежен’, ‘Ова е во процес на имплементација, но не е завршено’, а луѓето умираат“, негодува Јовановски.
Јовановски вели дека протестот не е насочен против институциите, туку против непреземањето мерки за справување со проблемот што го засега секого од македонските граѓани.
„Ние секогаш сме расположени за дијалог. Ние не сме против нив. Сите го дишеме истиот воздух и треба заедно да го завршиме ова. Но, доколку на некого не му текнува, тогаш ние сме тука како граѓани да ги потсетиме дека треба да почнат да работат“, истакна Јовановски во кусиот разговор за Гласот на Америка.
„Што ви дишат децата?“
На протестот во Скопје се собраа поголем број граѓани кои извикуваа пароли како „Сакаме воздух“, „Што ви дишат децата“, „Нема воздух, нема мир“.
Дел од учениците рекоа дека, властите мора да преземат одговорност за проблемот, но и самите македонски граѓани да се вклучат активно во спречувањето на аерозагадувањето.
Колективна и индивидуална одговорност
“Не смееме да ја префрламе одговорноста и да тврдиме дека немаме одговорност“, вели во изјава за Гласот на Америка, синдикалецот и активист, Здравко Савески.
Колективно е да се врши притисок врз институциите да воведат стандарди врз индустријата, но има и индивидуална одговорност кај секогоЗдравко Савески, синдикалец и активист
Тој додава дека секој има колективна и индивидуална должност кон заштитата на здравата животна средина.
„Колективно е да се врши притисок врз институциите да воведат стандарди врз индустријата да го намали загадувањето. Но, исто така, не смееме да заборавиме дека и граѓаните самите го вршат загадувањето преку користење моторни возила, на пример. Треба да дадеме свој придонес и со нашите практики во секојдневното живеење“, додаде Савески.
Гас-маски на протестот
Дел од учесниците дојдоа и со гас-маски на протестот.
„Маскава е симболика, дефинитивно. Но, има денови кога и навистина треба да се носат маски. Можеби не вакви, но секако маски за заштита од штетните честички во загадувањето“, посочи Аммар Качар, учесник во протестот.
Во пораките, пак, што беа упатени од пред македонското собрание, како и од пред владата беше укажано дека со години не се преземаат сериозни чекори за системско решение за проблемот.
Буџетот е „волшебното“ стапче
„Имаме работа со комплетно неразумни политичари. Многу често сакаат да кажат дека загадувањето не се решава преку ноќ. Првата мерна станица ‘Скопје дише’ на Улица ‘Македонија’ беше поставена пред 14 години. Од тогаш поминаа повеќе од 5.100 ноќи. Па, колку ноќи им требаат на овие луѓе“, праша Јане Димески, еко-активист.
Тој, упати критики дека во буџетот не се предвидени средства за решавање на аерозагадувањето.
„Има ‘волшебно’ стапче за решавање на проблемот. Тоа се вика ‘Буџет на Република Македонија’. Над шест милијарди евра ќе вреди буџетот за идната година, а во него пари за справување со загадувањето, нема. Секоја година, сè повеќе милијарди трошат, а за воздухот повторно нула“, рече Димески.
УНИЦЕФ: Смртни случаи кај новороденчињата поради загадениот воздух
УНИЦЕФ во септември годинава објави извештај во кој стои дека „Секој деветти смртен случај кај новороденчињата во Северна Македонија е поврзан со загаден воздух“
„Болестите и смртните случаи предизвикани од загаден воздух може да се спречат, но ни требаат климатски политики во кои ќе се води сметка и за децата. Тука спаѓаат политиките со кои се намалуваат загадувачките супстанции и се подобрува квалитетот на воздухот таму каде што децата учат, живеат и си играат“, се вели во објавата на УНИЦЕФ, Северна Македонија.
Скопје и оваа зима повторно се најде меѓу првите 10 најзагадени градови во светот, а просечните нивоа на ПМ10 или ПМ2,5 честички ги надминуваат дозволените граници повеќе од 100 дена во годината.
Лабораторија „Амбикон“: Загадување и во училниците
Истражувања, пак, на лабораторијата „Амбикон“ од Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, покажало дека загадувањето е присутно и во училниците во основните училишта. Тоа е особено во училиштата кои сè уште се загреваат на мазут, дрва или течни горива.
„Главните извори вклучуваат согорување биомаса, сообраќај, согорување мазут и нафта, огнови на отворено и палење на отпад, минерална прашина и секундарни аеросоли“, стои во извештајот од лабораторијата.
Најавени владини системски мерки
Македонската влада неодамна најави т.н. системски мерки за намалување на загаденоста на воздухот.
„Предвидена е стратешка инвестиција на гасна когенеративна централа која треба да обезбеди топлинска енергија со значително и драстично намалување на загаденоста, и тоа ќе обезбеди меѓу другото и зголемена енергија која ќе се користи во стопанството. Ветувам промени и активно работам тие да се случат што поскоро“, најави премиерот Мицкоски на средината од минатиот месец.
Активистите од денешниот протест истакнаа дека ќе продолжат со протести доколку нема конкретни мерки за справување со аерозагадувањето.