Мажи на просечна возраст од 20 до 39 години. Ваков е профилот на најголем број од заразените и заболените од ХИВ/СИДА во Македонија изминатата година. Институтот за јавно здравје на Македонија изминатите 12 месеци во регистарот запишал 39 нови случаи, од кои 16 се заболени од СИДА, а 23 се ХИВ позитивни. Тројца од претходно заболените ја изгубиле битката со животот.
Меѓу 39-мината, најмладите двајца се на возраст од 10 до 19 години, 16-мина се на возраст од 20 до 29 години, 14 се од 30 до 39 години, тројца се на возраст од 40 до 49 години, и четворица се над 60- годишна возраст. Триесет и седум се мажи, а две се жени, и најголем број од нив се од Скопје, останатите се од Кочани, Штип, Свети Николе, Кавадарци, Прилеп, Тетово и Струмица, а еден е странски државјанин. Најголем број од заразените дошле во контакт со вирусот или со болеста преку хомосексуален однос, еден е нарко зависник, а за тројца не е познат начинот на пренос.
И годинава, на Светскиот ден на борбата против ХИВ/СИДА, надлежните институции во Македонија апелираат дека подигнувањето на свеста кај населението за навремено тестирање за ХИВ е најефикасно средство за превенција. Минатата година се направени 24.562 тестови за дијагностика на ХИВ вирусот. Инфицираните и заболените, пак, треба навреме да почнат со антиретровирусна терапија, која во Македонија е бесплатна, и според надлежните, квалитетна и современа.
Во моментов 130 лица со ХИВ инфекција се на континуирани месечни консултации на Клиниката за инфективни болести, од кои околу 75 отсто се на антиретровирусна терапија и ефектите се на задоволително ниво, вели претседателот на Комисијата за заразни болести и национален координатор за ХИВ/СИДА, Звонко Миленковиќ.
„Никаде во светот, утврдувањето на ХИВ статусот не значи моментно отпочнување на терапијата. Отпочнуваме со ново концептуално решение. Антиретровирусен третман не се отпочнува додека не се процени моментот кога тој ќе даде максимален клинички ефект“, вели тој.
Од 1987 година, кога во Македонија првпат беше регистриран случај на ХИВ позитивен, до сега, се регистрирани 236 лица со ХИВ/СИДА, од кои 10 се од странство, а 75 веќе починале. Од Институтот за јавно здравје велат дека скриената бројка на заразени и заболени од ХИВ/СИДА е многу поголема, бидејќи статистиката покажала дека само еден процент од граѓаните во Македонија минатата година направиле вакво тестирање.