Ова десет килограми тешко чоколадно јајце чини 30000 евра. Тоа од неодамна е во сопственост на Мунир Шемси, македонски иселеник во Италија. На хуманитарна лицитација која се одржала во областа Венето, како една од најпогодените од корона вирусот тој понудил најголема сума, иако почетната цена била 100 евра. Овие средства ќе бидат донирани за погодените од пандемијата во неговата област. Идејата била на неговата пет годишна ќерка.
Мунир Шемси: „Ова го направив бидејќи ние сакавме да донираме нешто за Ковид 19. Гледајки ја конференцијата за медиумите на претседателот на регионот, мојата ќерка го виде тоа големо чоколадно јајце и ме праша дали можеме да го купиме. Потоа ја направивме нашата понуда и нашата понуда беше највисока. Намерата моја беше 30000 евра да донирам на областа за корона вирусот, за да се помогне. И така излезе целата процедура. Чекаме уште да ни се јави претседателот на регионот. Тој сака самиот да ни го даде јајцето лично“.
Глас на Америка: Средствата ќе бидат наменети за некоја болница или ќе бидат распределени по семејства?
Мунир Шемси: „Па незнам. Зависи како ќе реши регионот Венето. Најверојатно ќе ги употребат за некоја болница“.
Глас на Америка: Што планирате да донирате за Македонија?
Мунир Шемси: „Имам намера да донирам во Македонија. Веќе сум во контакт со некои луѓе во Македонија. Само треба да ми кажат во кое место треба да се донира, каде што има поголема потреба. Сакам да донирам опрема. Но многу е тешко да се прати опрема во ова време, бидејки сите граници се затворени. Затоа мислам да донирам парични средства, за некоја болница“.
Глас на Америка: Ја пратите ли ситуацијата во Македонија во моментот?
Мунир Шемси: „Ја пратам одблиску состојбата. И се надевам дека и во Македонија ќе успееме да излеземе од оваа криза. Не е моментот сега да се води политика во Македонија. Сега е моментот сите заеднички, без оглед на боја, партија или нација, без разлика на тоа дали си Турчин, Албанец, Македонец или Србин, сите треба да бидеме заедно за да излеземе од оваа криза“.
Мунир Шемси кој по потекло е од Коџаџик, општина Центар Жупа во Италија е од 1992 година. Како сопственик на градежна фирма, вели дека веќе се чувствуваат последиците од корона вирусот врз економијата
Мунир Шемси: „Ова ќе биде некоја економска криза, некоја светска криза. Потешко ќе биде и од 2008 година кога беше светската криза. Како сите фирми што имаат економски загуби и ние ќе имаме економски загуби. Вистинската криза ќе се види после септември-октомври“.
Facebook Forum