Линкови за пристапност

Ахмадинеџад без пардон


На Генералното собрание на ОН го критикуваше Советот за безбедност дека е под доминација на неколку земји.

Иранскиот претседател Махмуд Ахмадинеџад жестоко го критикуваше Советот за безбедност на ОН, тврдејќи дека е „под доминација“ на неколку земји.

Во обраќањето пред Генералното собрание, тој кажа дека дискриминацијата во Светската организација „е голема навреда за сите нас“. Ахмадинеџад смета дека правото на вето на некои нации, како и „монополизирањето“ на моќта причиниле да биде практично невозможно Советот за безбедност да ги брани правата на членките на ОН.

Иран е под санкции на ОН поради контроверзната нуклеарна програма. Светските сили се сомневаат дека Иран се обидува да развие нуклеарно оружје, додека официјален Техеран тврди дека има мирољубиви нуклеарни цели.

На Собранието денес говореше и првиот демократски избран египетски претседател Мухамед Морси, кој кажа дека дошол на власт преку „величествена, мирољубива револуција“.

Морси побара да запре крвопролевањето и хуманитарната криза во Сирија, најавувајќи дека Египет има намера да игра клучна улога во посредувањето, како и дека неговата земја ја отфрла можноста за воена интервенција.

На тема Палестина, Морси потенцираше дека „плодовите на достоинство и слобода не смеат да останат далечни за палестинскиот народ“ и оцени дека е „срамно“ што не се применуваат резолуциите на ОН.
XS
SM
MD
LG