Линкови за пристапност

САД и Талибан на заедничка мировна конференција во Москва


САД и Талибан за прв пат ќе присуствуваат на мултилатерална конференција на која ќе се разговара за постигнување мир и национално помирување во Авганистан на која домаќин ќе биде Русија.

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова вели дека делегати од 12 земји вклучувајќи ги и САД ќе земат учество на настанот.

Таа нагласи дека конференцијата е со цел создавање на „погодна атмосфера за билатерален или мултилатерален дијалог“ со цел да се промовира постигнување договор за мир во Авганистан што е можно поскоро.

Вашингтон минатата година ја одби поканата за првиот состанок на кој домаќин беше Москва. Талибан исто така не присуствуваше на таа средба.

Портпаролот на Стејт департментот потврди дека во координација со авганистанската влада, американската амбасада во Москва „ќе испрати претставник на работно ниво за да ги набљудува дискусиите“.

Други држави учесници се Кина, Пакистан, Иран, Индија, Узбекистан, Киргистан, Таџикистан, Авганистан, Казахстан и Туркменистан. Авганистанската влада одби да испрати свои претставници на состанокот, но дозволи делегација на Вишиот мировен совет на државата да учествува на настанот.

Делегацијата од „политичката канцеларија“ на Талибан со седиште во Катар ќе биде составена од пет члена. Ова ќе биде прво учество на Талибан на ваква меѓународна конференција, истакна Захарова.

Таа истакна дека учесниците ќе седат во истата сала. Меѓутоа, Талибан и авганистанската делегација треба да решат дали ќе има директен контакт, одговори Захарова на прашањето дали двете завојувани страни ќе одржат билатерални разговори.

Портпаролот на Талибан, Забихулах Муџахид потврди дека нема намера за директен контакт меѓу двете делегации.

Муџахид го бранеше учеството на Талибан на состанокот во Москва, велејќи дека со неа нема да претседава владата на Кабул, за разлика од претходните вакви меѓународни собири.

Мула Абдул Гани Барадар
Мула Абдул Гани Барадар

Конференцијата во Москва доаѓа во време кога Вашингтон веќе започна дијалог со Талибан, по исполнувањето на едно од барањата на бунтовниците.

Пакистан во четвртокот потврди дека мировната иницијатива предводена од САД го поттикнала Исламабад да го ослободи Мула Абдул Гани Барадар, кој беше заробен во 2010-та година во заедничка акција на пакистанските и американските сили во Карачи.

За време на неговото апсење, Мула Барадар бил втор човек во хиерархијата на Талибан.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG