Властите во Авганистан ги отфрлија најновите руски тврдења дека илјадници борци на Исламската држава го „консолидираат“ своето присуство во 9, од 34 провинции во државата.
Портпаролот на авганистанското Министерство за одбрана, на денешната прес-конференција во Кабул, оцени дека околу 2.000 милитанти на Исламската држава дејствуваат во четири провинции, вклучувајќи ги Нангахар, Кунар и Нуристан на исток, заедно со Џоџан на север.
Портпаролот ова го изјави еден ден откако рускиот претставник во ОН Василиј Небензја, за време на состанокот на Советот за безбедност посветен на Авганистан, ја повтори загриженоста на Москва за растечкото влијание на Исламската држава, особено во северните провинции коишто се граничат со земјите од Централна Азија.
„Ова е група, која во своите редови има до 10.000 борци и веќе е активна во најмалку 9 од 34 провинции и постојано ги консолидира своите позиции на север од земјата, претворајќи ја во отскочна даска за проширување кон Централна Азија“, рече Небензја.
Тој подвлече дека Исламската држава креира кампови за обука на борците, вклучувајќи ги и оние што доаѓаат од државите од Централна Азија.
Исламската држава го повикува својот авганистански огранок во провинцијата Корасан и рутински врши самоубиствени бомбашки напади врз цивили и воени цели во целата земја, вклучително и во главниот град Кабул, нанесувајќи стотици жртви.
Најновиот бомбашки напад се случи во вторникот, при што загинаа најмалку девет припадници на авганистанските полициски сили во западната провинција Кунар.
Исламската држава, преку својата новинска агенција Амак, ја презеде одговорноста за нападот врз авганистанскиот локален полициски камп во округот Чокај, велејќи дека во експлозијата загинале „13 полицајци, лојални на отпадничката авганистанска влада“. Воедно била објавена и фотографија на бомбашот.
Американските воени команданти исто така ги отфрлаат руските тврдења за зголемениот капацитет на Исламската држава во Авганистан, велејќи дека кампањата има за цел да ја оправда поддршката на Москва на бунтот на Талебанците, обвинувања што Небензја одново ги отфрли.
Вишиот американски дипломат Алис Велс, минатата недела на распит во Конгресот, кажа дека Русија е „мошне бескорисна“ во меѓународните напори за стабилизирање на Авганистан.
„Гледаме дека Русија ја прифаќа позицијата дека Талебанците се легитимен бедем против ИСИС, а ние тоа не го купуваме, како оправдување за ангажман со Талебанците“, рече Велс.
Американската армија вели дека нејзината тесна поддршка на авганистанските специјални сили во спроведувањето на антитерористичките операции, им овозможила за значително деградирање на капацитетите на Исламската држава во Нангахар, Кунар, Нуристан и Џоџан, на границата со Узбекистан и Туркменистан.
Facebook Forum