Талибан бара ослободување на член на милитантната мрежа Хакани и други притвореници во замена за ослободување на американски професор и негов австралиски колега кои беа киднапирани пред две години.
Пред да бидат киднапирани од вооружени лица, шеесет годишниот Американец Кевин Кинг и неговиот четириесет и осум годишен колега од Австралија, Тимоти Викс предаваа на Американскиот универзитет во Кабул, Авганистан.
„Веруваме дека тие биле киднапирани од страна на мрежата Хакани, затоа што киднаперите побарале ослободување на член на семејството Хакани кој се држи во притвор од страна на авганистанската влада“ изјави Кенет Холанд, претседател на Американскиот универзитет во Авганистан.
Во својата изјава, Холанд упатува на Анас Хакани кој е осуден на смрт. Анас е најмлад син на Џалалудин Хакани, основач на мрежата Хакани. САД ја ставија мрежата на листата на терористички организации.
Холанд во Кабул разговараше со новинарите по повод втората годишнина од киднапирањето на Кинг и Викс.
Тој повторно го повика Талибан да ги ослободи двајцата професори по англиски јазик.
Холанд рече дека видел некои од видеата кои ги направиле киднаперите, но дека освен тоа тие имаат многу малку информации за тоа каде се држат Кинг и Викс, дали тие се во Авганистан или во некоја друга земја.
Холанд рече дека Американскиот универзитет тесно соработува со авганистанската, американската и австралиската влада за ослободување на Кинг и Викс.
Тој додаде дека киднаперите не побарале пари за откуп, а универзитетот нема влијание врз авганистанската влада за да обезбеди договор за размена на затвореници.
Facebook Forum