Исламската држава ја презеде одговорноста за најсмртоносниот напад извршен врз новинари во Авганистан, од 2002-та година наваму.
Вчера, двајца напаѓачи самоубијци извршија напад во Кабул, убивајќи најмалку 26 лица, вклучувајќи девет новинари. Најмалку 50 други лица беа повредени, вклучително и петмина новинари.
Портпарол на Европската комисија Маргаритис Схинас го осуди нападот:
„Дури и во војна постојат закони. Цивилите и новинарите кои ги ризикуваат животите за да известуваат од опасни локации никогаш не треба да бидат цел на напад. Европската унија и Европската комисија стојат заедно со авганистанскиот народ и со новинарите од целиот свет.“
Авганистанските власти соопштија дека бомбаш самоубиец кој возел мотор се разнесел во близина на Националната разузнавачка агенција. Полицијата соопшти дека подоцна втор бомбаш активирал експлозив откако спасувачите и медиумските екипи се собрале на локацијата.
Во соопштението на Гласот на Америка се изразува жалење поради убиството на новинарите од сестринската организација Радио Слободна Европа/ Радио Либерти (РСЕ/РЛ). Од Гласот на Америка велат дека се приклучуваат на директорот на РСЕ/РЛ, Томас Кент во осуда на нападот кого нарекоа кукавички акт против цивили и искажаа најдлабоко сочувство до семејствата на загинатите.
Во извештајот исто така се споменува дека трагедијата доаѓа на само неколку дена пред Светскиот ден на слободата на медиумите, кој се одбележува на 3-ти мај и служи како потсетник за опасностите со кои секојдневно се соочуваат новинарите „за да пренесат точни, објективни и проверени вести до светската публика“.
Facebook Forum