Линкови за пристапност

Адвокати бараат законски измени што ќе оневозможат енормно високи плати за функционерите


Адвокати од Струга, иницираат измени на членот 11 од Законот за плати на избрани и именувани лица
Адвокати од Струга, иницираат измени на членот 11 од Законот за плати на избрани и именувани лица

Со сегашното решение, основицата на платата на функционерот е просечната плата во државата, а адвокатите предлагаат основица да биде минималната плата во земјава

Додека на сметките на пратениците, министрите, претседателот на државата, премиерот, градоначалници, судии, обвинители и сите јавни функционери, легнаа плати повисоки за 78 проценти, адвокати од Струга, иницираат измени на членот 11 од Законот за плати на избрани и именувани лица.

Со моменталното решение, основицата на платата на функционерот е просечната плата во државата, а нивниот предлог е тоа да претставува минималната плата во земјава.

„Дури и во оваа комбинација, функционерите би земале, сосема солидни плати, кои би биле многу, многу повисоки, од просечната плата на еден работник во државата. Најпрво се врши минимално интервенирање во Законот. Имено се менува само еден збор во еден член во Законот и со тоа се добива намалување на платата на функционерите, што ќе соодветствува со стандардот во државата“, вели Глигорие Ќатоски, адвокат и иницијатор за измени на Законот.

Иницијативата за измена на Законот ја поднеле до сите парламентарни политички партии и истата би можела да биде прифатена или предложена од страна на било која партија во Собранието.

„Оваа иницијатива заслужува свое внимание, бидејќи моменталното законско решение е економски неоправдано. Една од политичките партии во Собранието, ја разгледува нашата иницијатива во нивната правна служба“, вели Ќатоски.

Ова е можеби единствениот начин да се коригира зголемувањето на платите на функционерите, бидејќи по ова прашање не може веќе да одлучува ниту Уставниот, ниту Врховниот суд.

Нашите функционери треба да покажат едно ниво на самоодговорност, едно ниво на солидарност со својот народ.
Глигорие Ќатоски, адвокат

„Нашите функционери треба да покажат едно ниво на самоодговорност, едно ниво на солидарност со својот народ, бидејќи сведоци сме дека и самите тие функционери во период на криза ги повикуваат сите граѓани, да се солидаризираат. Сега е време и функционерите да се солидаризираат“, додава Ќатоски.

Од Кабинетот на претседателот на државата, Стево Пендаровски, за Глас на Америка, кој од нешто повеќе од 93000 денари, со покачувањето ќе зема, околу 165000 денари, велат дека, потребно е да се изнајде законско решение.

„Со оглед на тоа дека не постои законска основа да се вратат средствата во државниот буџет, разликата меѓу старата и новата плата, претседателот Пендаровски ќе ја донира во хуманитарни цели, на ранливи категории на наши сограѓани. Во однос на покачувањето на платите, претседателот Пендаровски смета дека е потребно да се најде законско решение за намалување на платите. Претседателот очекува во скоро време Владата да излезе со конкретен предлог“, велат од Кабинетот на Пендаровски.

Доколку партиите не ја прифатат оваа иницијатива, практично правно ништо не може да се направи, освен да се зголеми притисокот од јавноста, да се принуди Владата и политичките партии, да покажат доблест, и да предложат измени на Законот, со кои ќе се намалат сега веќе енормно зголемите плати на функционерите, апелираат иницијаторите.

Уставниот суд, со одлуката од 21 март годинава ги укина одредбите од Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица, со што значително се зголеми основицата за пресметување на плата на функционерите.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG