СКОПЈЕ – Еден час пред влезот на министерствата минаа стотици државни службеници изразувајќи го своето незадоволство откако Владата не ги потпиша новите колективни договори со кои требаше да добијат додаток од 30 отсто на платата и малку да се доближат до државниот просек. Се протестираше пред министерствата за култура, економија, шумарство, транспорт, правда, животна средина и дигитална трансформација како и пред државниот завод за статистика и државниот архив.
Од Синдикатот УПОЗ соопштија дека новите колективни договори биле изработени заедно со ресорните министри, потоа биле доставени до министерството за финансии пред да се почне со изработка на Буџетот за 2025 година но средства за повисоки плати за овие министерства . Побараа од Владата на денешната седница да најде средства за покачување на платите.
„Во изминатиот период од изборот на новата Влада до денес остваривме средби со речиси ресорни министри и по пат на преговори и социјален дијалог заеднички со министрите подготвивме предлог Колективни договори кои потоа со поддршка на ресорните министри беа доставени во министерството за финансии. Иако овие предлог колективни договори беа доставени пред носење на државниот Буџет за 2025 година од за нас неразбирливи причини министерството за финансии не одобри средба за потпишување на колективни договори“, изјави Трпе Деаноски, претседател на УПОЗ.
Од Владата соопштија дека денешните протести се штрајк, имаат политичка позадина и дека за ова прашање треба да се дискутира на економско социјалниот совет.
„Интересно е што изминативе години, овој синдикат како да молчеше за ова прашање и со жалење мораме да истакнеме дека отворено се сомневаме дека зад ваквиот чекор стои политичка позадина на синдикатот кој делува како продолжена рака на партиите кои досега, за жал, ги злоупотребуваа правата на работниците“, изјави Марија Митева, портпарол на Влада.
ССМ соопштија дека сите протести се уредно пријавени кај работодавачите и во МВР како што налагаат процедурите.
Според УПОЗ платите на вработените во министерствата каде од денес почнаа протестите се далеку под просечната плата во државата и се движат од 25 до 30 илјади денари.
„Висината на платите на вработените во институциите кои днес протестираат почнува од 25.010 денари. Просечната плата во овие институции изнесува околу 29 илјади денари а просечната плата во државата е 42.124 денари. Додатокот што го бараме од 30 проценти значи дека вработените би добиле 6.000 денари износ со кој би се зголемила нивната плата но и покрај тоа сите вработени ќе бидат под просекот на државата“, кажа Деаноски.
Синдикатот УПОЗ е на став дека вработените во министерствата кои почнаа со протест се дискриминирани во однос на нивните колеги од Службата за општи заеднички работи на Влада, Генералниот секретаријат, Министерството за здравство, образование, финансии кои добија 30 отсто додаток на плата.
Вработените во државното правобранителство кои минатата недела стапија во штрајк, наместо колективен договор добија решенија за намалени плати.
„Нема никакво поместување за жал. Вчера имавме повторно преговори со државниот правобранител, поместување е само дека вработените добиваат решенија со кои платата им се намалува платата за 40 отсто за време на штрајк. Моментално добија колегите од Тетово бидејќи таму штрајкот почна порано а сега се подготвуваат решенија за сите вработени кои се во штрајк“, изјави Деаноски.
Протестите ќе се одржуваат секој ден во периодот од 11 до 12 часот а од УПОЗ најавија дека во петок ќе се одржат министерството за финансии.