Палестинскиот претседател Махмуд Абас, повика да се организира меѓународна мировна конференција до средината на оваа година, во обид да се надмине ќорсокакот во блискоисточниот мировен процес.
Абас на месечниот состанок во Советот за безбедност на ОН, рече дека неговата визија е мировен план, при што двете страни за време на преговорите ќе се воздржуваат од унилатерални активности, прекинување на израелските активности за населување и укинување на одлуката на САД да ја префрлат амбасадата од Тел Авив во Ерусалим.
Амбасадорката на САД во ОН Ники Хејли, упати порака до Палестинците, дека САД се подготвени да работат за постигнување на решение во израелско-палестинскиот конфликт.
„САД се подготвени да работат со палестинското раководство. Преговарачите седат веднаш зад мене, подготвени за разговор, но нема да трчаме по Вас. Изборот е на Вас, господнине претседателе (Абас)“, истакна Хејли, и додаде дека Палестинците не треба да го одобрат преместувањето на американската амбасада од Тел Авив во Ерусалим, бидејќи одлуката е конечна.
Абас ја напушти просторијата пред обраќањето на Хејли до Советот.
Израелскиот претставник го искористи моментот критикувајќи го Абас дека „избегал“ велејќи дека тој „повеќе не е дел од решението“, туку е дел од проблемот.
Зголемените тензии меѓу Израелците и Палестинците би можеле да доведат до нов конфликт. Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш, предупреди дека глобалниот консензус за решение за две држави можно е да пропадне.
Facebook Forum