Линкови за пристапност

По полициската акција во А1, СДСМ најавува протестен марш


По полициската акција во А1, СДСМ најавува протестен марш
По полициската акција во А1, СДСМ најавува протестен марш

МВР потенцираше дека ТВ А1 не е меѓу фирмите за кои финансиската полиција има обезбедено судска наредба за обезбедување документација, за контрола за финансиското работење

“Синоќа видовме дека можеме да бидеме заедно, да бидеме единствени и Македонци и Албанци, и Срби и Турци, Роми, Власи и Бошњаци! СДСМ ја дава оваа иницијатива ама не ја присвојува, СДСМ ќе помогне во организацијата ама однапред велиме дека овој протестен марш ќе биде општонароден“, рече во денешната изјава за медиумите лидерот на СДСМ Бранко Црвенковски, по повод синоќешните и ноќешните настани во и пред објектот во кој е сместена телевизијата со национална концесија А1, а како најава за општонародниот протестен марш, на четврти декември во сабота во Скопје „за одбрана на иднината на Македонија“.

Најавувајќи го протестот како “марш за слободата и демократијата, марш за правдата и вистината и марш за достоинството и иднината“, лидерот на опозицијата истакна дека Македонија е киднапирана држава „од еден човек и неговата фамилија“ чии заложници се останатите два милиона граѓани.

По ноќешните тензии кои лесно можеа да ескалираат во судири меѓу дел од граѓаните и полициските сили, особено во периодот од неколку часа кога немаше официјално објаснение зошто бројни полициски сили го блокираа објектот на скопската улица „Перо Наков“ б.б во кој се наоѓа ТВ А1, и по мирното заминување на насобраните граѓани кои дојдоа масовно да и` изрзат подршка на телевизијата и на слободата на јавно искажаниот збор, утрово по македонско време и полицијата се повлекла од објектот, откако инспекторите од Управата за јавни приходи и од Финансиската полиција, кои официјално таа ги обезбедувала, со судски налог ги одзеле потребните материјали од шест фирми регистрирани на истата адреса како телевизијата, а кои би можеле да укажат на евентуален направен криминал.

Според директорот на Упрвата за јавни приходи Горан Трајковски, контролата била насочена „кон печатницата Мисирков, Плус продукција ДОЕЛ Скопје, Синим ДОЕЛ Скопје, Акстра трејд ДОЕЛ Скопје, АКС-стра ДОЕЛ Скопје и Време ЕЧ Скопје. Ниту А1, ниту, пак, кој било од семејството Рамковски, (сопственик на ТВ А1 – н.з) не беше предмет на контролата“. Тој во јавните настапи на неколку скопски телевизии синоќа тврдеше дека „до пред полноќ шест инспекторки на УЈП биле во заточеништво во А1“.

Од друга страна, упадот на полицијата без објаснување и без покажан налог, главниот и одговорен уредник на ТВ А1, која е еден од медиумите силни критичари на актуелната Влада, Младен Чадиковски го окарактеризира како силен притисок врз новинарите на кои им беше ограничувано правото на движење од полицискиот кордон.

„А1 во моментов повеќе наликува на мини воена база во која ниту врапче не може да прелета без да се легитимира. Слободата на движење на новинарите и вработените во А1 не смее да биде попречена, но не ни е покажан налог и не ни кажаа зошто е затворена капијата на телевизијата“, рече синоќа Чадиковски и ја повика министерката за внатрешни работи да дојде и на јавноста да и ја објасни ситуацијата. Во неколкучасовната отворена програма на телевизијата, во студиото се изредија десетици политичари од опозициониот блок, антивладино настроени јавни личности, претставници на НВО, кои ја прозиваа и ја обвибнуваа власта за „удар врз демократијата“, и ги повикуваа претседателот на државата премиерот да дадат објаснување за што се работи. Тензиите особено ги зголемија најавите дека биле ангажирани и специјални сили и сведочењето на две новинарки кои во живо тврдеа дека при спречувањето да влезат на работно место биле физички малтретирани од полицајците кои го контролираа влезот.

Според обасјнувањето на директорот на Управата за јавни приходи Горан Трајковски, причина за присуството на Финансиската полицијата и инспекторите на УЈП во фирмите сместени во истиот објект со телевизијата, кои ги заштитувала униформирана полиција, бил „одливот на 7,5 милиони евра од Македонија во земјите – на т.н даночен рај, преку користење даночни измами со купување идентитет од странски државјани“.

И во првата реакција МВР потенцираше дека ТВ А1 не е меѓу фирмите за кои финансиската полиција има обезбедено судска наредба за обезбедување документација, за контрола за финансиското работење, туку дека се работело за фирми чија примарна дејност, според налогот за кој што се регистрирани е трговијата со прехранбени и други продукти, а кои биле регистриранина истата адреса со ТВ А1, „Перо Наков“ б.б.

Иако МВР апелираше новинарите да не дозволат да бидат измамени и изманипулирани да постапуваат спротивно на нивниот етички кодекс и да бранат туѓи финансиски интереси на фирми кои немаат допирна точка со медиумите, тоа не прдонесе за смирување на страстите.

Владеачката ВМРО–ДПМНЕ доцна синоќа ја обвини опозициската СДСМ дека стои зад сценариото со кое сака да испровоцира немири, а ТВ А1 на својот сајт објави дека „откако се разиде толпата, полицијата кршеше врати и тепаше новинари и вработени во телевизијата додека ги извршуваа своите работни обврски. Нападнати беа уредникот Младен Чадиковски и член на обезбедувањето на телевизијата кој во тој момент тргна да го заштити, како што му налага службената должност. Во кошкањето удари добија и други наши колеги“, тврди телевизијата.

Министерката за полиција Гордана Јанкуловска која денес се појави во јавноста, на прес конференција ги повтрори синоќешните ставови на портпаролот на МВР Иво Котевски, дека полицијата асистирала на Финансиската полиција и Управата за јавни приходи, кои со судски налог, вршеле контрола на фирми регистрирани на истата адреса за дејности кои немаат никаква поврзаност со медиумите и
беше децидна дека „категорично може да се потврди дека А1 не беше предмет на интерес на инспекциите“.

Поради фактот што „низ студиото на А1 продефилирале многу членови на СДСМ“ според министерката, „станува збор за обид за несмасна манипулација со јавноста“.

Котевски пак потенцираше дека „за време на повлекувањето на полицијата воопшто не е регистриран никаков инцидент“, а за наводниот напад врз уредникот Чадиковски рече дека „досега нема ниту една поплака или жалба до Секторот за внатрешни работи и професионални стандарди при МВР“.

Полицијата соопшти и дека компјутери, документација и поголема количина пари, биле одземени од сопственост на управител на една од фирмите регистрирани на „Перо Наков“ б.б., а министерката Јанкулоска, претпоставува оти овие предмети биле вчера изнесени од просториите на објектот на улицата каде се наоѓа и телевизијата. Според првиот даночник Трајковски, „се уште немаме податоци за поврзаност на сопственикот на А1 и неговото семејство со контролираните фирми, но доколку тоа се докаже ќе ги прошириме контролите. Од обезбедените материјали и документација при контролата гарантирам дека УЈП ќе постапеше исто доколку на „Перо Наков“ б.б. беше сместена и Си-Ен-Ен или Би-Би Си, а не А1, бидејќи се работи за големо даночно затајување“, рече Трајковски.

Според вестите во дел од македонските медиуми, Европската комисија ги повикала сите политички партии на воздржаност и незлоупотребување на вчерашните случувања кај А1, како и дека делегација на Комисијата во Скопје контактирала со министерката Јанкулоска и побарала појаснување во врска со полициската акција.

И македонскиот Совет за радиодифузија побара да надвладее разумот и ги повика надлежните да овозможат на вработените во А1 непречено да работат, да се смират тензиите, а на партиите им порача да не ја користат ситуацијата за собирање политички поени.

За синоќешните немили сцени во Скопје, ноќеска и денеска пишуваа и бројни медиуми во светот.

XS
SM
MD
LG