Се зголемуваат несогласувањата меѓу Индија и Пакистан, по барањата на Индија Исламабад да преземе акција против терористите. Во меѓувреме, пакистански воени авиони го надлетуваат главниот град на Пакистан, како и градовите Равалпинди и Лахоре, заради, како што се нарекува, зголемена будност.
Во обраќањето пред стотици индиски дипломати во Њу Делхи, министерот за надворешни работи Пранаб Мукерџи истакна дека Исламабад применува политика на порекнување околу минатомесечните смртоносни напади во индискиот финансиски центар Мумбаи.
Официјален Њу Делхи вели дека лицата кои стојат зад нападите од кои загинаа преку 170 лица, биле од пакистанско потекло, обучувани од радикаланата исламистичка група Лашкар-е-Таиба. Исламабад пак вели дека Њу Делхи не обезбедил никакви докази оти нападите биле планирани од екстремисти во Пакистан.
Мукерџи истакна дека Индија ќе ги преземе сите потребни чекори за да се справи со проблемот.