Линкови за пристапност

САД сакаат да отворат бази во Бугарија и Романија


Командантот на американските сили во Европа, генералот Џејмс Џонс вели дека САД се подготвени да започнат преговори со новите НАТО членки Романија и Бугарија за стационирање на американските сили во овие земји. Тој пред комисија на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес синоќа информираше дека офицери под негова команда повеќепати ги посетиле Романија и Бугарија, како и дека дошло време да се започнат формални разговори за стационирање на американски сили во овие земји.

„Дефинитивно, се наоѓаме во фаза на започнување, а не во концептуална фаза“, кажа генералот Џонс.

Тој ја стави можноста за отворање американски бази во Романија и Бугарија во согласност со планот на Пентагон за реструктуирање на распоредувањето на американските сили ширум светот. Планот е од големи бази што се далеку од потенцијалните зони на конфликт да се премине на помали бази што се блиску до местата каде американските сили би можеле да бидат употребени.

„Не́ побуди можноста, во рамки на европската трансформација, да стационираме Источно-европска бригада, ротациона бригада во Бугарија и Романија, заедно со воздухопловните и логистички капацитети неопходни за поддршка на таквото присуство“.

Бригадата би броела меѓу три и пет илјади војници, плус единици за поддршка.

Генералот Џонс, кој исто така е врховен командант на НАТО, вели дека разговорите со Бугарија и Романија треба да започнат наскоро и ќе се однесуваат на детали за стационирањето, како пристаништа, писти и сместувачки капацитети за копнените сили.

„Верувам дека годинава ќе започнеме дијалог со обете земји за да ги изготвиме договорите за стационирање, договорите за статусот на силите, а најбитен е оној за пристапот што САД сакаат да го имааат до своите сили. Сметам дека секретарот за одбрана беше мошне дециден кога кажа дека не сакаме да ги ставиме силите на место каде не би можеле да допреме до нив. Треба да ги изготвиме тие договори, но мислам дека тоа ќе го постигнеме во случаите на Бугарија и Романија“.

Во минатото се има случено некои земји-домаќини на американските сили да не им дозволат да се распоредат директно во конфликтните области, или пак да не дозволат базите се користат за операции со кои не согласува земјата-домаќин. Ваков беше проблемот со Турција кога пред две години започна воената интервенција во Ирак.

Генералот Џонс укажа дека не очекува вакви проблеми со Бугарија и Романија, кои ги опиша како „крајно пресретливи“ и со голема желба да имаат дел од силите на Американската команда за Европа на своја почва.

Генералот во појавувањето пред Комисијата на Претставничкиот дом на Конгресот не го спомена минатонеделниот инцидент во кој американските сили по грешка убија бугарски војник во Ирак.

XS
SM
MD
LG