Харадинај - Хаг
Поранешниот премиер на Косово пристигна во Холандија да одговара по обвиненијата на Трибуналот за воени кривични дела на ОН, во Хаг.
Рамуш Харадинај вчера даде оставка на функцијата откако по него беше издадена потерница.
Трибуналот не даде детали за обвинението покренато против него, но ја истражуваше неговата улога како водач на етнички албанската герила во Косово за време на конфликтот со српските сили во доцните 1990ти. Српските власти го обвинуваат за извршени ѕверства спрема Србите.
Господинот Харадинај вели дека неговите акции се во согласност со меѓународното право.
Меѓународната заедница ја пофали неговата одлука да соработува и апелираше за смиреност меѓу етничките Албанци, кои го гледаат како херој.
НАТО распореди нови илјада мировници во Косово.
Хашки суд - Перишиќ
Поранешниот шеф на југословенската армија пред Хашкиот трибунал на ОН изјави дека не е виновен по 13 основи за воени кривични дела и дела против човештвото.
Генералот Момчило Перишич денеска се појави пред судот да се соочи со обвиненијата дека трупи под негово раководство го нападнале Загреб и извршиле ѕверства за време на босанскиот конфликт меѓу 1992 и 1995.
Обвиненијата вклучуваат масакр на повеќе од седум илјади муслимански мажи и момчиња од трупи на босанските Срби по заземањето на муслиманската енклава Сребреница.
Генералот Перишиќ се предаде на судот во понеделникот.
Минатата недела тој кажа дека појавувањето пред труибуналот бил најдобар начин да ја одбрани својата чест и репутацијата на армијата.
Либан - актуелно
Либанскиот про-сириски претседател Емил Лахуд одржува разговори со парламентарните пратеници за формирање нова влада по минатонеделната оставка на Кабинетот на премиерот Омар Карами.
Охрабрен од масивниот про-сириски собир во Бејрут во вторникот, претседателот започна разговори за кои аналитичарите велат дека најверојатно ќе го зачуваат про-сириското влијание во Либан.
Во меѓувреме сириските трупи продолжуваат да се прераспоредуваат од крајбрежните и централните делови на Либан, кон области поблиску до сириската граница.
Сирија вчера го започна повлекувањето по интензивниот дипломатски притисок од САД, ЕУ и неколку арапски влади. Сириските дипломати велат дека сите сириски трупи ќе се вратат дома во рок од два до три месеци.
Претседателот Буш побара отстранување на сите сириски сили и разузнавачки персонал пред парламентарните избори, закажани за мај.
Русија - Чеченија
Официјални претставници во чеченската про-кремаљска влада велат дека властите го идентификувале телото на убиениот сепаратист Аслан Машкадов.
Руската новинска агенција Итар-Тас ја објави идентификацијата.
Но, властите велат дека телото нема да биде предадено на неговото семејство. Агенцијата Интерфакс цитира висок претставник кој вели дека законот не дозволува трансфер на телата на терористи на нивните роднини.
Русија вели дека господинот Машкадов бил убиен во вторникот за време на специјална операција во чеченското село Толстој-јурт. Сепаратистите ветија дека ќе продолжат со борбите.
Кремљ го обвинува господинот Машкадов за голем број напади вклучувајќи ја и опсадата на московскиот театар во 2002 и заложничката драма минатата година во градот Беслан каде беа убиени повеќе од 330 лица.
Ирак - нови егзекуции
Ирачките власти открија тела на 41 лице во распаѓање за кои се верува дека биле егзекутирани од бунтовниците на две одвоени локации во Ирак.
Официјалните лица велат дека 15 жени и мажи, сите обезглавени вчера биле пронајдени јужно од Багдад во стара армиска база во близина на Латифија.
Денеска телата на најмалку 26 други лица облечени во цивилна облека биле најдени близу градот Каим, блиску до сириската граница. Некои биле застрелани, а други обезглавени.
Во меѓувреме, во Багдад, најмалку две лица биле убиени и 20 други повредени кога бомбаш-самоубиец детонирал експлозив во камион за отпадоци на паркинг простор на Министерството за земјоделие.
Бомба поставена крај патот убила еден американски војник и повредила друг.