Во говорот одржан во Универзитетот за национална одбрана во Вашингтон претседателот Буш подвлече дека лидерите на Блискиот исток треба да направат вистински избор затоа што историјата се движи со брзо темпо. Сирискиот претседател Башар Ал-Асад, рече тој, има избор или да стави крај на сириската окупација на Либан или да стане уште поизолиран во светската заедница. Тоа, додаде американскиот претседател, не е став само на САД, туку и на Русија, Франција, Германија и Саудиска Арабија.
Претседателот Буш не е задоволен од ветувањето на сирискиот лидер за разместување на трупите поблиску до сириската граница.
„Либанскиот народ го слушна говорот на сирискиот претседател. Тие ги знаат тие тактики на одложување и половични мерки. Дојде време Сирија целосно да ја имплементира резолуцијата 1559 на Советот за безбедност на ОН. Сите сириски војници и агенти мора да се повлечат пред одржувањето на либанските избори, со цел тие да бидат слободни и фер.“
Буш подвлече дека новата влада во Бејрут ќе ја има помошта од меѓународната заедница во изградбата на политички, економски и армиски институции, со цел Либан да може да тргне напред. На Либанците тој им порача:
„Иднината на Либан ви припаѓа вам. Со вашата храброст, иднината на Либан ќе биде во ваши раце. Американскиот народ е со вас. Милиони луѓе од светот се со вас. Моментот на слободата е на ваша страна и слободата ќе победи во Либан.“
Претседателот се задржа и на, како што кажа, долга историја на Сирија во поддршка на тероризмот, меѓу што и неодамнешниот крвав бомбашки напад во Тел Авив. Тој ги повика Сирија и Иран да прекинат да ги користат убиствата како политичко средство.
Притисокот врз Дамаск се зголеми по атентатот врз поранешниот либански премиер Рафик Харири од пред три недели. Опозиционите политичари во Либан ја обвинија Сирија за убиството. И Дамаск, и про-сириската влада во Бејрут отфрлија секаква вмешаност.