Линкови за пристапност

Македонските аналитичари за хашкото обвинение против Харадинај:  без драматични последици - 2005-03-08


Не се очекуваат подраматични последици по стебилноста на регионот поради подигањето на обвинение против косовскиот премиер во оставка, Рамуш Харадинај, од страна на Хашкиот суд за воени злосторства за поранешна Југославија.

Вака за Гласот на Америка ја сумираат ситуацијата аналитичарите - познавачи на состојбите на Балканот. Исо Руси, главен уредник на неделникот на албански јазик „Лоби“ укажува дека напротив, може да има и политички придобивки од овој потег на Хашкиот суд во самото Косово.

„Не очекувам никакви дестабилизирачки активности на Косово. Сметам дека одењето на Харадинај во Хаг ќе биде искористено од косовските политички структури за демонстрирање на зрелост и стекнување на евентуална предност во отворањето на прашањето на дефинитивниот статус на Косово. Мислам дека е постигнат консензус околу тоа и пред објавувањето на обвинението“, смета Исо Руси.

За разлика од него, надворешно-политичкиот коментатор на Утрински всеник, Драган Николиќ, мисли дека заминувањето на Харадинај од премиерската функција нема поволно да се одрази на разврската на косовското прашање.

„Најверојатно ќе запрат некои позитивни процеси што почнаа на Косово. Сега за сега не знаеме како понатаму ќе се развива ситуацијата на Косово, иако беше објавено дека постои некое сценарио што би требало да се реализира“.

Драган Николиќ предупредува и дека одењето на Харадинај во Хаг значи само позитивен поен за Србија што нема некаква позначајна перпектива за нејзините интереси. Тој потенцира дека со заминувањето на Харадинај од премиерската функција, сега Белград ризикува во Приштина на негово место да дојде човек кој ќе биде помалку кооперативен.

„(Таквото лице) најверојатно ќе има помал капацитет за некои компроси без кои не може да се реши проблемот меѓу Белград и Приштина“, вели Драган Николиќ, коментатор на „Утрински весник“ во разговорот за Гласот на Америка на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG