Одлуката на косовскиот премиер Рамуш Харадинај да замине за Хаг и да им се предаде на тамошните судски власти беше едногласно поздравена во Брисел.
Шефот на европската дипломатија Хавиер Солана изјави дека соработката со Хашкиот суд е императив за сите. Тој изрази надеж дека оваа година, како клучна за иднината на Косово, граѓаните на покраината ќе се однесуваат одговорно. Она што сега е важно за Косово, вели Солана, е исполнувањето на стандардите за да може евалуацијата што се врши кон средината на годината да биде позитивна и да може да се тргне во преговори за одредување на статусот на покраината.
Од Турција, каде што е во посета, комесарот за проширување на Унијата Оли Рен изјави дека одлуката на Харадинај е умна и побара од народот на Косово да го почитува повикот на Харадинај за ненасилство. Насилство од каков и да е́ вид, вели Рен, нема да се толерира.
Реагираше и генералниот секретар на НАТО Јап де Хуп Скефер кој смета дека одговорниот пристап на Харадинај и одлуката да замине за Хаг се позитивни сигнали во спроведувањето на стандардите. Во меѓувреме, на барање на НАТО, кој на Косово има 18.000 војици, Велика Британија и Германија одлучија да испратат дополнителни контингенти од по 500 војници.