Европскиот комесар за проширување Оли Рен, британскиот министер за европски прашања, Денис Мекшејн и луксембуршкиот министер за надворешни работи Жан Аселборн во заедничкото соопштение изразија шокираност по приказите на тепање на жени и млади лица кои протестирале во Истамбул. Овие европски претставници беа во посета на Анкара каде разговараа за турската аспирација за членство во ЕУ.
На телевизиските снимки полицајци со палки тепале жени демонстранти кои го изразувале своето незадоволство за нееднаквоста меѓу половите и насилството врз жените во земјата. Турските власти велат дека полицијата ја растерала толпата бидејќи протестот бил нелегален.
По инцидентот хоспитализирани биле три жени, а 63 биле приведени. Турскиот министер за надворешни работи Абдула Ѓул вети истрага.
Во ЕУ постои се поголема загриженост дека Турција доцни со реформите, откако минатиот декември лидерите на Унијата се согласија да отпочнат разговори за примање на земјата во европското семејство. Преговорите се очекува да траат најмалку 10 години и се очекува да стартуваат во октомври, со тоа што Турција треба да потпише царински протокол со Кипар и да ги елиминира кршењата на човековите права.
Активистите за заштита на овие права велат дека и покрај политиката на „нула толеранција“, малтретирањето во турските затвори и натаму е широко распространето. Во ноември, полицијата предизвика јавни протести откако застрела 12-годишното курдско момче и неговиот татко пред домот во југоисточниот град Кизилтепе, неосновано тврдејќи дека се работи за терористи.