Линкови за пристапност

Димитриј Рупел:  Преговорите за Косово мора да започнат - поскоро или подоцна - 2005-03-07


Актуелниот претседавач со ОБСЕ, словенечкиот министер за надворешни работи Димитриј Рупел, кој деновиве е во посета на САД, во интервју за албанската редакција се осврна на условите од кои зависи почетокот на преговорите за конечниот статус на Косово.

Димитриј Рупел, кој вчера се состана со американскиот државен секретар Кондолиза Рајс, вели дека ОБСЕ продолжува да игра главна улога во спречувањето на конфликти и промоција на стабилноста, демократијата и почитувањето на човековите права, иако, како што вели во вчерашниот коментар во Вашингтон Пост, буџетот на организацијата е во прашање поради политички разлики во гледиштата на земјите-членки за улогата и ефикасноста на ОБСЕ и поради реторика на некои од нив за која тој вели дека наликува од времето на Студената војна.

Конкретно за Косово, на прашање кога ќе започнат преговорите за статусот на покраината, тој подвлече дека многу нешта зависат од преодниот извештај што треба да биде готов некаде во мај, јуни или јули, особено од делот за имплементација на стандардите.

„Се надевам дека извештајот ќе биде позитивен. Доколку е, тогаш ќе бидеме во можност да продолжиме со разговорите што неопходно ќе го вклучат и разгледувањето на конечниот статус“.

Во меѓународната заедница, вели Рупел, генерално веќе постои размислување дека „разговорите за статусот ќе мора да започнат, поскоро или подоцна, можеби оваа година, дека одредени услови ќе се најдат на маса за овие преговори; некои услови се неизбежни, како на пример дека нема враќање на ситуацијата од пред 1999-та, а и поделбата не доаѓа предвид“.

Косово треба да се земе како ентитет, вели Рупел. Во тој контект е многу важен третманот на српското малцинство, но исто така и учеството на тоа малцинство во политичкиот процес, при што, смета тој, тие попрво би требало да се идентификуваат со самото Косово, а не со официјален Белград.

XS
SM
MD
LG