Линкови за пристапност

Црвенковски: Македонија останува на своите приоритети - интегрирање во ЕУ и НАТО и развој на регионалната соработка  - 2005-03-07


„Интегрирањето на Македонија во ЕУ и НАТО и развојот на регионалната соработка остануваат да бидат врвни приоритети во надворешната политика на Македонија“, рече шефот на државата Бранко Црвенковски во неговото излагање пред студентите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на тема „Надворешната политика на Република Македонија“.

Тој во излагањето говореше и за актуелните предизвици на Македонија во однос на престојното решавањето на статусот на Косово.

„Мое лично мислење е дека многу тешко ќе се најде заеднички прифатлива солуција и за Белград и за Приштина и дека во еден момент меѓународната заедница ќе ја пресече работата, во кој правец ќе оди. Меѓутоа, не треба да потцениме дека дури и додека траат преговорите, постои ризик за нови дестабилизации. Можно е било едната, било другата страна, со предизвикување на тензии и инциденти да ја јакнат својата преговарачка позиција“, изјави претседателот Црвенковски во излагањето пред студентите.

Тој се осврна и на проблемот со името за кој се водат преговори во ОН.

„Преговорите во Њујорк ќе ги продолжиме, позицијата нема да ја менуваме. Тоа е двојната формула, значи Грција има проблем со нашето име. Подготвени сме да разговараме во билатералните односи да се користи некое име различно од уставното, меѓутоа за сиот останат свет, за севкупната меѓународна комуникација да се користи токму нашето уставно име“, рече Црвенковски.

XS
SM
MD
LG