Линкови за пристапност

Продажбата на ЕСМ на врвот во февруари според „Барометар на корупцијата“  - 2005-03-03


Нетранспарентната најава за продажба на ЕСМ е најнегативен настан за изминатиот месец, според анкетата „Барометар на корупцијата“ на невладината Транспарентноста Македонија и уредниците на 14 највлијателни медиуми во Македонија.

Продажбата на ЕСМ се најде на чело на листата на „најматните“ настани во февруари, пред скандалозниот избор за песна на Евровизија, спорните набавки во МРТВ, скандалот со хуманитарната помош на „Зегин“ за настраданите во Јужна Азија, случајот „Скопски пазар“, трансформацијата и отпуштањето на 755 работници од Македонски железници, шверцот со цигари и перењето пари на релација Македонија- Бугарија. „Владата и натаму упорно не сака да изнесе аргументи за продажбата на најголемата јавна компанија во Македонија“, се вели во образложението на резултатите од анкетата. „Поради тоа во јавноста се зацврстува впечатокот дека Владата решила да го продава ЕСМ на слепо“.

- Владата ќе мора да ги понуди одговорите на тие прашања: зошто се продава ЕСМ, по која цена ќе се продаде, кој дел ќе се продаде, колкави пари се очекуваат и каде ќе се искоритат тие пари, и на крајот, кои се ефектите што ќе се постигнат од таа продажба? Кога тие прашања ќе имаат одговори за јавноста, мислам дека полесно ќе се донесе одлука дали, како, кога и за колку пари ќе се приватизира Електорстопанство, вели Зоран Јачев од Транспарентност.

Минатиот месец само два настани заслужиле да се најдат на позитивната листа. „Тоа само по себе зборува за состојбите во областа на борбата против корупцијата“, велат во Транспарентност. Тоа се воведувањето на Џи -пи - ес системот на Македонската царина за следење на транзитот на стока и кампањата „Вложи во својата иднина“ на Управата за јавни приходи со воведувањето на бесплатната телефонска линија 198 за пријавување на затајување на даноци и на злоупотреба на службената функција на вработените во оваа институција.

Нетранспарентноста во однос на продажбата на ЕСМ беше на врвот на матната листа и во анкетата во јануари, додека постапките на Царинската управа беа оценети како најпозитивни настани за 2004 година.

Од почетокот на оваа година, анкетата Бистро - матно на Транспарентност и 14 највлијателни електронски и печатени медиуми стана месечен барометар на корупцијата, чија цел е да се придонесе во борбата против организираниот криминал и корупција.

XS
SM
MD
LG