Полскиот премиер Марек Белка му испрати протестно писмо на претседателот на Европската комисија Хозе Мануел Баросо поради, како што вели, дискриминација на Полјаците во европските институции.
Белка е загрижен бидејќи Полска, иако една од најголемите европски држави, не е доволно застапена на високите раководни места во Унијата. Поводот за оваа огорчена реакција на полскиот премиер е изборот на поранешниот чешки амбасадор во НАТО за престижната функција генерален директор за надворешни работи во Европската комисија. За ова место конкурираа и поранешниот полски преговарач со Европската унија и заменик-министер за надворешни работи Јан Трусцијански и актуелниот полски амбасадор во Унијата Марек Грела.
Шефот на полската дипломатија Адам Даниел Ротфелд исто така предупреди на недостигот на Полјаци на највисоките функции во Унијата. Според министерот, Европа на тој начин ја казнува Полска поради нејзините ставови што не им се допаѓаат на Лондон, Берлин и Париз. Тие треба малку да се поместат и да направат место на клупата и за Полска – вели министерот Ротфелд.
Полските дипломати веруваат дека нивната земја е дискриминирана во Европската унија пред се́ поради својата блискост со Соединетите Американски Држави.