Линкови за пристапност

Демаркацијата на северната граница во делот на Косово - главна тема на средбите на Бучковски со косовските власти - 2005-03-02


Македонскиот премиер Владо Бучковски и шефот на администрацијата на ОН Сорен Јесен Петерсен денеска во Приштина постигнаа консензус дека демаркацијата на границата меѓу Косово и Македонија мора да се реши со интензивирање на дијалогот и пред почетокот на разговорите за конечниот статус на Косово. По средбата, остана спорна улогата на официјален Белград во целиот процес. На заедничката прес-конференција по завршувањето на состанокот, премиерот Бучковски истакна дека се залага за целосно и рамноправно учество на Белград во разговорите за демаркација на границата. Шефот на УМНИК, Петерсен, пак, нагласи дека Белград треба само официјално да се извести за постигнатиот договор околу граничните прашања меѓу Македонија и Косово. Бучковски предупреди дека секое решение мора да го почитува територијалниот интегритет и суверенитет на Македонија.

Во населбата Драгодан во Приштина, во присуство на официјални косовски лица и шефот на ОН, Бучковски го отвори трговското претставништво на Македонија, кое според него ќе има економски карактер, а чија основна цел ќе биде интензивирање на меѓусебната соработка. Економската соработка ќе придонесе за добрососедски односи и ќе помогне на стопанството во тој дел од регионот, заклучија по состанокот премиерите Рамуш Харадинај и Владо Бучковски, подвлекувајќи дека постои обострана добра волја за целосна соработка. Засега нема официјална информација зошто не дојде до средба меѓу косовскиот претседател Ибрахим Ругова и премиерот Бучковски. Од Кабинетот на Ругова не сакаа да потврдат ниту демантират дали косовскиот претседател одбил да се сретне со Бучковски поради фактот дека македонскиот премиер разговорите за демаркацијата на северната граница ги започна во Белград.

XS
SM
MD
LG