Линкови за пристапност

Поранешниот амбасадор на САД во НАТО се надева дека конечниот статус на Косово ќе биде решен оваа година  - 2005-03-02


Различната етничка припадност со векови е причина за војни, жртви и страдања. Западот успешно се справи со негативните аспекти на национализмот, но како што вели Роберт Хантер, поранешен американски амбасадор во НАТО, допрва се очекува истото да го сторат и земјите од Југоисточна Европа.

Луѓето од Југоисточна Европа треба да почнат да се фокусираат на иднината наместо да бидат жртви на нивното национално минато, да можат да соработуваат без оглед на етничката припадност или границите на нивните земји, оценува овој поранешниот претставник на САД во НАТО.

„Знам дека звучи нереално, како шега или сон. Пред педесет години да ми го кажевте истото за Франзуите и Германците – исто ќе наликуваше на шега или сон. Но погледнете ги тие земји денес, вели амбасадорот Хантер.“

Во врска со Косово, Роберт Хантер се надева дека конечниот статус на Косово ќе биде решен оваа година. Истакнувајќи дека е важно правото на самоопределба, тој истовремено подвлекува дека треба да се почитуваат и гарантираат политичките права и безбедноста на секое човечко суштество. Косовското население имаше потполно право да се спротистави на дискриминацијата на поранешниот претседател Милошевиќ, но сега Србите се тие кои страдаат на Косово, вели амбасадорот Хантер.

И народот во Црна Гора треба да го ужива истото право на самопределба, смета Хантер, но додава дека треба да се земе во предвид и прашањето на самоодржливоста.

„Сметам дека црногорскиот народ може и има право да направи каков било аранжман, но доколку се продолжи со раздвојување на земјите на се помали и помали парчиња, и сите тие мора да бидат целосно суверени и независни - тогаш доаѓате до точка каде никој нема да успее - оценува Хантер.“

Без оглед на тоа дали Црна Гора ќе остане во федерација со Србија или ќе стане независна, Хантер смета дека е важно да се зголемат економските инвестиции во неа. Гледано генерално, тој очекува економската соработка на Балканот да придонесе луѓето да се фокусираат на успехот на поединецот, а не на неговата етничка припадност.

XS
SM
MD
LG