Линкови за пристапност

Vesti 3 - 2005-03-02


Ирак

Во бунтовничкиот бомбашки напад во Багдад врз две ирачки армиски цели, загинаа најмалку десет војници, а повредени се 28 лица.

Според ирачката полиција првиот напад бил врз ирачка армиска база во центарот на градот и притоа загинале шест војници, а десет други се повредени. Во инцидентот биле повредени и 15 цивили.

Кусо време потоа, втор автомобил бомба експлодирал на контролниот пункт во јужен Багдад, при што загинале четворица војници, а тројца други се повредени.

Нападите уследија по вчерашното убиство на курдски судија и неговиот син – адвокат, кои работеле за специјалниот ирачки трибунал надлежен за судењето на Садам Хусеин и неговите најблиски соработници.

Не беше веднаш јасно дали овие убиства се поврзани со работата во трибуналот, но во понеделникот трибуналот посочи дека имал доволно докази да ја започне постапката против петмина обвинети, вклучувајќи го и полубратот на Садам Хусеин.

Иран-Нуклеарна програма

САД го обвинија Иран дека „цинично“ се обидува да дојде до нуклеарно оружје и повторно ја повикаа Меѓународната агенција за атомска енергија да го предаде случајот на Советот за безбедност на ОН, со цел Техеран да се принуди да ги запре активностите на збогатување на ураниумот.

Американскиот пратеник за нуклеарни прашања Џеки Сандерс денеска зборуваше во Виена, еден ден откако инспекторите на агенцијата соопштија дека Иран одбил да им дозволи повторно да посетат осомничена нуклеарна локација.

Плутониумот и високо збогатениот ураниум можат да се употребат како гориво за нуклеарни реактори, но и да користат за производство на нуклеарни бомби.

Либан

Британскиот премиер Тони Блер ја предупреди Сирија дека светот ги следи нејзините акции, со што се зголемува дипломатскиот притисок врз Дамаск да ги повлече своите трупи од Либан.

Господинот Блер за весникот Гардијан изјави дека Сирија треба да сфати оти мора да се придржува на своите меѓународни обврски.

Вчера, САД и Франција побараа итно повлекување на 14-те илјади сириски трупи од Либан.

Сирискиот претседател Башар ал-Асад во изјавата за списанието Тајм кажа дека очекува неговите трупи да се повлечат во рок од неколку месеци, но не даде никакви поединости.

Во меѓувреме во Бејрут илјадниците демонстранти ветија дека ќе продолжат со анти-сириските протести поттикнати од атентатот врз поранешниот либански премиер Рафик Харири.

Авганистан-НАТО

Мировниците на НАТО ја прошируваат операцијата во Авганистан пред парламентарните избори кои се очекува да се одржат подоцна годинава.

Турскиот командант на Меѓународните сили за безбедносна помош во Авганистан вели дека првично планираното распоредување на италијанските трупи денска започнало во градот Херат. Војници од Шпанија, Грција и Литванија треба да пристигнат во регионот нешто подоцна.

НАТО ја презеде командата на ИСАФ во 2003. Досега мировници беа распоредени само во авганистанскиот главен град Кабул и на север на земјата.

Министрите за одбрана на НАТО кои минатиот месец се сретнаа во Франција ги одобрија плановите за проширување на мировната мисија.

XS
SM
MD
LG