Ирак
Францискиот новинар Флоренс Аубенас која на почетокот на годинава беше киднапирана во Ирак се појавила на видео снимка.
На денеска објавената куса снимка, емитувана на европска и арапска тв-станица, 43-годишната Аубенас, молела за помош, изгледала истоштено, велеќи дека се наоѓа во мошне лоша здравствена состојба. Засега никој не ја презел одговорноста за киднапирањето на француската новинарка и не е познато кога е направена снимката.
Во меѓувреме, во Хила, јужно од Багдад, семејствата на жртвите од вчерашниот напад, започнаа со идентификување на своите најблиски. Во нападот со автомобил-бомба загинаа најмалку 125, а повредени се преку 100 лица.
Либан
САД и Франција повторно повикаа на повлекување на сириските трупи од Либан.
Во обраќањето во Лондон, на конференцијата за палестинските реформи, американскиот државен секретар Кондолиза Рајс и францускиот министер за надворешни работи Мишел Барние ја повикаа Сирија да ја имплементира минатогодишната резолуција на Советот за безбедност на ОН во која се вели, цитираме, странското мешање во Либан, мора да запре.
Сирија засега молчи за брзото менување на политичката клима во Либан, каде владата поддржана од Сирија вчера поднесе оставка по масовните протести и откако беше изгласана нејзина недоверба по расправата за убиството на поранешниот либански премиер Рафик Харири.
И сириската и либанската влада порекнаа секаква вмешаност за атентатот врз Харири на 14 февруари.
Либанската опозиција вели дека демонстрациите ќе продолжат се додека Сирија не ги повлече своите 14.000 трупи од Либан.
САД - Канада
Американски претставник кажа дека државниот секретар Кондолиза Рајс ја одложила посетата на Канада, планирана кон средината на април, поради одлуката на оваа земја да не учествува во американскиот систем за противракетна одбрана.
Владини претставници не го објавија новиот датум за посетата на г-ца Рајс на американскиот северен сосед, а одложувањето на планираните средби, можно е да сигнализира ново заострување на американско-канадските односи, веќе заладени откако Отава се спротистави на идејата за започнување на војна во Ирак.
Портпаролот на Стејт департментот, Ричард Баучер изјави дека американските претставници и натаму планираат скорешни средби со своите канадски колеги и во моментов се разгледува можен датум да го сторат тоа.
Конференција за Блискиот исток
Палестинскиот лидер Махмуд Абас вети спроведување реформи во безбедноста, како дел од обидот за обнова на мировниот процес со Израел.
Абас ова го изјави во Лондон на донаторската конференција за палестинцска помош, што ја организира Велика Британија, а на која учествуваат 23 земји од светот.
Во нацртот на финалното соопштение се наведени палестинските определби за расформирање на милитантните групи и запирање на нападите врз израелски цели.
За возврат, земјите донатори ветија помош во финансирањето на новата палестински безбедносна структура, како и промовирање на реконструкцијата во Појасот Газа откако подоцна годинава Израел планира да се повлече од оваа територија.
За време на уводното излагање, британскиот премиер Тони Блер истакна дека ставањето крај на израелско-палестинскиот конфликт претставува светски најголем политички предизвик. Тој кажа и дека земјите-учеснички на конференцијата се обединети во својата определба да им помогнат на Израел и Палестинците да ја постигнат целта.
Судење на Мајкл Џексон
Во Санта марија, федералната држава Калифорнија започна судскиот процес против поп-звездата Мајкл Џексон, кој е обвинет за педофилија.
Џексон, придружуван од семејството, вчера се појави во судницата.
Мајкл Џексон се обвинува за сексуална злоупотреба на 13 годишно момче на својот ранч Неверленд. Тој се изјасни дека не е виновен.
Обвинителите планираат да го претстават Џексон како сериски заведувач на млади момчиња, додека одбраната ќе се фокусира на наводите дека во заднината на целиот случај се парите, што, како што велат, ги бара мајката на детето во врска со кое се води случајот.
Бин Ладен
Американско владино лице за борба против тероризмот тврди дека лидерот на Ал- Каида Осама бин Ладен неодамна разговарал со својот сојузник во Ирак – Абу Мусаб ал Заркави, сугерирајќи му да се ангажира во евентуални напади во САД.
Владин претставик, кој побара да остане анонимен, кажа дека се работи за неодамнешен разговор, но притоа не даде подробности.
Портпаролот на Американскиот оддел за домашна безбедност Брајан Роекас изјави дека неодамна бил издаден доверлив официјален материјал за разузнавачките податоци за случајот, опишувајќи ја информацијата како веродостојна, но не конкретна.
Ал-Заркави презеде одговорност за бројни напади во Ирак и обезглавувањето на неколку државјани на западни земји.