Линкови за пристапност

„Македонски глас“- нов весник на македонски во САД - 2005-02-24


Идејата за основање на весникот е македонските иселеници на својот мајчин јазик да се информираат за различни настани, а обидот е да се продолжи, како што ја нарече неговиот основач Игор Секулоски, мисијата на многу македонски дејци кои работеле, твореле и го уредувале весникот „Македонски глас“, што пред повеќе од 100 години излегувал во Русија.

Првиот број на неделникот излезе на 5 ноември 2004 и тоа во 1.000 примероци. Од печат излегува секој петок и освен во повеќе федерални држави низ САД, се продава и во Канада. Во него се третираат теми од политичкиот живот во Македонија, но и од САД, а акцент е ставен на економските случувања, бидејќи, како што вели Секулоски, многумина македонски иселеници во САД имаат желба да инвестираат во нивната родна земја. Покрај овие рубрики, се известува и за настани за активностите на Македонците ширум цела Америка и Канада, меѓу кои и разните црковни собири, вели тој.

Соработниците се главно новинари од Македонија, а свои дописници неделникот има и во Канада и Австралија.

За досегашното искуство и идните планови на „Македонски глас“, Секулоски ни изјави:

„Можам да ви кажам дека издржавме повеќе од четири месеци... Денеска, излезе 17-от број и за почеток сме задоволни. Се надевам дека ќе биде се подобро. Засега весникот останува само во САД и Канада, а и целта на основањето беше да биде начин на комуникација на сите Македонци на американсково копно, така што понатаму, доколку се јави друга потреба, може да се носи на други места низ светот.“

Неделникот, вели неговиот основач, се финансира од сопствени средства, како и од претплата и реклами.

XS
SM
MD
LG