Линкови за пристапност

 
Меѓународна кризна група:  владата и партиите да преземат мерки за градење на довербата - 2005-02-24

Меѓународна кризна група:  владата и партиите да преземат мерки за градење на довербата - 2005-02-24


Во Македонија ситуацијата добро се развива, но не може да се каже дека сите опасности се веќе зад неа, заклучува Меѓународната кризна група во најновиот извештај посветен на Македонија.

Значителниот напредок што Македонија го направи е се́ уште кревок, а виталниот процес на децентрализација бара внимателно спроведување за кое македонската влада нема добро осмислен план, се вели во извештајот. Коалиционата влада и сите конститутивни партии мора да преземат мерки за градење на доверба, сметаат аналитичарите на Кризната група. Меѓу мерките се наведува и стратегија за употреба на симболите. Меѓународната кризна група потсетува дека употребата на симболите е, по децентрализацијата, последната обврска од Охридскиот договор што мора да се спроведе и владата е таа што треба да има стратегија за дизајнот и употребата на знамињата. Албанците треба да се обврзат на употреба на македонското државно знаме, а Македонците треба да им дадат поддршка на знамињата на заедниците. Ако лидерите на владеачката коалиција не направат план, дебатата на оваа тема, која не може да биде избегната, може да биде извор на сериозни несогласувања и да стане проблематична, во што Социјалдемократскиот сојуз и Демократската унија за интеграција веќе можеа да се уверат со искуството со референдумот, се вели во анализата на македонските состојби.

Извештајот наведува дека постои простор за креативен компромис, но дека тој нема да се појави се́ додека двете партии не отворат размислување на таа тема. Тоа, препорачува Кризната група, треба да се направи во поширокиот контекст на спроведување на мерките за изградба на доверба.

XS
SM
MD
LG