Линкови за пристапност

Според група експерти за Блискиот Исток - Иран би претставувал јасна опасност за американските интереси - 2005-02-24


Во извештајот на Претседателската истражувачка група се вели дека трите столба на американската стратегија за Блискиот Исток треба да бидат безбедност, реформи и мир.

Во изготвување на извештајот учествуваше двопартиска група поранешни влијателни владини лица и аналитичари за Блискиот Исток, која имаше задача да ги изложи предизвиците во овој регион и да му предложи решенија на претседателот Буш на почетокот на вториот мандат.

Роберт Сатлоф, извршен директор на Институтот, вели дека групата го издвоила ширењето на оружјето за масовно уништување, особено нуклеарното оружје, како најсериозна закана по американската национална безбедност.

„Иран претставува закана, заради два крупни проблема. Првиот е што иранската способност да дојде до нуклеарно оружје, најверојатно ќе предизвика до такво оружје да сакаат да дојдат бројни блискоисточни земји. Како второ, тоа само ќе го влоши и онака проблематичното однесување на Иранците на начин што би претставувал јасна опасност по американските интереси во овој дел од светот. Поради овие две причини, од витален американски интерес е Иран да биде спречен да дојде до нуклеарно оружје, доколку е можно по дипломатски пат, а доколку е потребно и со други средства.“, вели господинот Сатлоф.

Според него, владата на Буш треба да ја продолжи соработката со Европа и со Советот за безбедност на ОН и да најде решение за иранската нуклеарна закана. Доколку дипломатијата не функционира, овој аналитачар смета дека претседателот треба јавно да се произнесе дека не ја отфрла можноста за употреба на воена сила и да биде подготвен да го стори тоа.

Претседателот за време на тукушто завршената европска турнеја кажа дека е од особено значење Иран да чуе дека меѓународната заедница зборува во еден глас, и го повика Техеран да не развива нуклаерно оружје. Тој ја отфрли импликацијата дека САД планираат да употребат воена сила, но додаде дека сите опции остануваат отворени.

Додека Иран вели дека набавува нуклеарна технологоја за мирнодопски цели - за производство на електрична енергија, американските претставници тврдат дека земјата поседува огромни количини нафта и гас и́ не и е потребна нуклеарна енергија.

Експертската група во извештајот го разгледува и продолжителниот конфликт во Ирак и израелско-палестинскиот мировен процес.

Поранешниот преговарач за блискоисточни прашања Денис Рос, кој сега е главен аналитичар во Институтот за блискоисточна политика потенцира дека сите стручњаци во извештајот се едногласни дека САД не можат да си дозволат неуспех во Ирак.

Во однос на израелско-палестинскиот конфликт, експертската група се залага инволвираните страни да избегнат дискусии за долгорочните прашања како што се границите на палестинската држава и иднината на Ерусалим. Денси Рос вели:

„Во моментов треба да обезбедиме дека за палестинското раководство постои претстава дека е успешно, како и дека функционира повлекувањето на еврејските населби од Појасот Газа. Доколку сега одеднаш се фокусираме на пласирање на американскиот став за можното решение, тогаш многу е веројатно дека ќе ја пореметиме деликатната рамнотежа, потребна за успех на краткорочните напори.“

Во извештајот на Институтот за блискоисточна политика се наведува и дека палестинските политички реформи и успешното израелско повлекување од Газа, може да постават стабилна основа за обнова на преговорите за конечно решение на конфликтот и формирање на палестинска држава.

XS
SM
MD
LG