Линкови за пристапност

Кетрин Шелоу:  САД не прават црна листа на македонски судии - 2005-02-23


Портпаролот Кетрин Шелоу ги демантира медиуските наводи дека САД прават црна листа на судии од Македонија.

„Не, не подготвуваме црна листа на судии. Амбасадата во Скопје работи на проект за следење на случаите на корупција, и очекуваме дека еден продукт на проектот ќе биде таканаречена листа на резултати што документира колку време овие случаи се наоѓаат во судскиот систем без одука или завршеток“, кажа Кетрин Шелоу за Гласот на Америка на македонски јазик.

САД, вели таа, се загрижени дека ваквите случаи ги попречуваат реформите во судството.

„Сметаме дека судските случаи што траат долго време и се неразрешени можат да го попречат спроведувањето на правото и процесот на реформи во судството. Оваа листа на резулати всушност е само еден дел од севкупната американска поддршка за судските реформи во Македонија“.

Меѓу останатите проекти таа ги наведе обуката на судии и обвинители, и модернизација на судските капацитети.

Зошто токму САД да ги следат неразрешените судски случаи за корупција во Македонија? Кетрин Шелоу вели дека во крајна линија останува на Македонија да одговори на овој проблем, но САД сметаат дека реформата на судството во земјата е битна поради создавање на динамично граѓанско општество, цврста демократија и придвижување на Македонија кон членство во евроатлантските институции.

Проектот се́ уште трае, и во моментов не е одреден датум кога тој ќе биде обелоденет. Портпаролот на Стејт департментот најави дека дека листата на резултати ќе биде споделена со претставници на македонската влада, а ќе бидат информирани и медиумите.

XS
SM
MD
LG