Буш - Европа
Претседателот Буш го нарече НАТО - основа на трансатланските релации.
Зборувајќи пред лидерите на 26-те членки во Брисел, Буш оцени дека се договориле несогласувања да ги остават зад себе, како што беше американската инвазија врз Ирак.
Генералниот секретар на НАТО Јап Де Хоп Шефер изјави дека сите членки кои ги поддржуваат мировните операции во Авганистан, на Балканот и на Косово се согласиле целосно да ја финансираат и да определат инструктори за обука на ирачки офицери.
Буш е на европска турнеја за подобрување на транс-атланските врски, оштетени од ирачката војна. Во својот говор во Брисел, Буш ја повтори заложбата да помогне во ширењето на демократските реформи.
Претседателот Буш денеска ќе се сретне со лидерите на ЕУ, спроти разговорите со германскиот канцелар Герхард Шредер и рускиот претседател Владимир Путин на самитот во Словачка.
Буш - Рејтинг
Последните анкети покажаа дека мнозинството граѓани во неколку сојузнички држави на САД не веруваат дека Вашингтон треба да има улога на ширење на демократијата во светот – централна тема на претседателот Буш на почетокот од вториот мандат.
Во истражувањето на јавното мислење учествуваа 1000 возрасни од девет држави.
84 отсто Французи сметаат дека САД не треба да имаат улога на ширење на демократијата во светот. Со ваквиот став се согласуваат 78 проценти Германци и две-третини Британци.
Украина - Европа
Украинскиот претседател Виктор Јушченко ја повтори желбата на Украина да стане членка на НАТО и на ЕУ, но подвлече дека неговата земјата сака да ги задржи блиските, стратешки врски во Русија.
Јушченко на оваа тема разговараше со лидерите на Алијансата во Брисел, а оствари куса средба со претседателот Буш.
Минатата недела Украина потпиша договор за соработка со НАТО и со ЕУ.
Киев исто така се согласи на 12-годишна програма за уништување на оружјето од Студената војна, кога беше под советско влијание.
Ирак
Официјални лица од главната ирачка шиитската коалиција го кандираа преодниот потпретседател Ибрахим Ал – Јафари за кандидат за премиер.
Денешната објавување доаѓа по три-дневните маратонски преговори и по повлекувањето на кандидатурата на Ахмед Чалаби, исто така кандидат од Обединетата ирачка Алијанса.
Ал-Јафари, физичар по вокација, за премиерската функција, се уште се соочува со преодниот премиер Ијад Алави. Сепак, партијата на Алави не успеа да освои повеќе од 14 проценти од гласовите на изборите на 30-ти јануари.
Во меѓувреме, експлодира автомобил-бомба во близина на ирачки конвој во Багдад. Два војника се убиени, а повеќе од 20 повредени.
Израел - Палестинци
Палестинските пратеници соопштија дека премиерот Ахмед Куреја се согласил да направи промени во Кабинетот и да вклучи реформски министри.
Неколку пратеници од Фатах се заканија дека ќе гласаат против новата кабинетска листа, соопштувајќи дека има многу министри кои се поврзани со корупција.
Куреја се очекува подоцна да го претстави новиот Кабинет, во кој ќе се наоѓаат технократи и реформисти.
И израелскиот премиер Ариел Шарон се соочува со гласање во Кнесетот, затоа што некои пратеници имаат резерви околу планот за повлекување на израелските доселеници од појасот Газа.
Њујорк се кандидира за домаќин на Олимписките игри 2012
Делегација од Меѓународниот олимписки комитет се наоѓа во Њујорк на четиридневна турнеја низ градот по повод понудата на градот да биде домаќин на Олимписките игри во 2012 година.
Делегатите се сретнаа со градските татковци во елегантниот Плаза хотел. За четири дена тие ќе ги посетат сите 27 предложени места и објекти, вклучувајќи ја и Медисон Сквер Гарден и Стадионот на Јенките.
Претставниците на градот прикажаа промотивно видео во поткрепа на нивните напори - и организираа собир во Рокфелер Центарот во кој беа вклучени и поранешни олимписки спортисти.
Њујорк е еден од петте градови кои се натпреваруваат за добивање на Игрите.