Линкови за пристапност

Уреднички коментар на Гласот на Америка - Ден на претседателите  - 2005-02-21


Денеска во САД се прославува Денот на претседателите. Ова е ден во чест на сите американски претседатели, почнувајќи од првиот, Џорџ Вашингтон. Заедно со Абрахам Линколн, уште еден истакнат американски лидер, и Џорџ Вашингтон бил роден во февруари.

Џорџ Вашингтон достигна трајна слава заради тоа што ги предводеше Американците кон победата во долгогодишната војна за независност од Британците. Вашингтон одигра одлучувачка улога во усвојувањето на американскиот устав и формирањето на американската влада. Како прв претседател на САД, тој беше пример за пожртвуваност на јавна служба и воздржаност во користењето на своите овластувања, што предизвика восхит во светот.

Лидерството на Вашингтон, и во војна, и во мир, беше одбележано со неговата длабока верба и неговата толеранција за верската определба на другите. Предан христијанин, Вашингтон верувал дека Господ е изворот од каде легитимно избраната влада, ги црпи своите овластувања и од каде доаѓаат човековите права. Едно од најважните права било правото на слобода во изборот на вероисповед.

Во писмото до Баптистите во Вирџинија, кои на времето биле прогонувани од колонијалните власти, Вашингтон пишува: „Нема никој пожелен од мене да воспостави ефикасни пречки против сите видови на верско прогонство“. По определба протестант, Вашингтон назначуваше римо-католици на важни позиции на власта и јавно говореше против антикатоличките предрасуди.

Во писмо до еврејската конгрегација во Роуд Ајленд, тој вели дека САД „не пружаат засолниште за верските предрасуди, ниту помош за верскиот прогон“. До американските квекери тој наведува – „слободата која ја уживаат жителите на овие држави кои го слават семоќниот Бог согласно нивните принципи, не само што е меѓу најдобриот од нивните благослови, туку тоа е и нивно право“.

За Вашинтон, толеранцијата не е во конфликт со верата. Вистинската вера, според него, налага почитување на фундаменталните права на другите. Во обраќањето пред да замине од функцијата, тој ги повика Американците секогаш да постапуваат во согласност со нивната верба. „Имајте добра верба и правдина спрема сите нации, рекол Вашинтон. Верата и етиката налагаат ваков однос“.

XS
SM
MD
LG