Линкови за пристапност

vesti 21 - 2005-02-21


Ирак

Американската армија вели дека за време на денешниот бомбашки напад во Ирак, загинале тројца американски војници, а осуммина се повредени.

Во соопштението не е наведено каде се случил нападот, освен дека бомбата експлодирала додека војниците се обидувале да евакуираат друг војник чии конвој се судрил со цивилно возило.

Во меѓувреме, американските и ирачките сили ја продолжуваат масовната операција за гонење на бунтовниците во провинцијата Ал-Анбар, западно од Багдад.

Во ирачкиот главен град, лидерите на коалицијата која освои мнозинство гласови на минатомесечните избори, ги продолжуваат разговорите за тоа кој ќе биде следниот премиер на Ирак.

Израел-Палестинци

Израел ослободи 500 палестински затвореници во знак на добра волја спрема Палестинската управа.

Израелската армија вели дека затворениците се ослободени денеска на контролните пунктови на Западниот брег и Појасот Газа.

Во наредните неколку недели се очекува да бидат ослободени уште 400 затвореници, а на 39 Палестинци кои биле депортирани во Европа им е дозволено да се вратат назад.

Вчера израелскиот кабинет го одобри планот на премиерот Ариел Шарон за повлекување на еврејските населби од Појасот Газа.

Либан-Сирија

Раководителот на Арапската лига Амр Муса вели дека Сирија наскоро ќе преземе чекори кон повлекување на сириските трупи од Либан.

Г-динот Муса ова го изјави декнеска по средбите со сирискиот претседател Башар Ал-Асад во Дамаск.

Муса кажа дека сирискиот лидер неколкупати ја нагласил неговата намера за имплеметирање на договорот од Таиф во 1989 и за повлекување на 14-те илјади сириски трупи.

Со договорот од Таиф, со кој се стави крај на граѓанската војна во Либан, беше наложено Сирија да ги повлече трупите во либанската област Бека, пред отпочнување на разговорите за нивно конечно повлекување.

Авганистан

Во извештај на ОН се вели дека меѓународните поддржувачи на владата на претседателот Хамид Карзаи, мора да имаат долгорочен план за развојот на Авганистан.

Во извештајот се предупредува дека и покрај значителниот напредок постигнат по соборувањето на режимот на Талебан, Авганистан можно е повторно да западне во хаос, доколку не се исполнат поплаките на населението.

Во првиот извештај за хуманитарниот развој на Авганистан, се наведува и дека во земјата и натаму се присутни сериозни безбедносни проблеми.

Во извештајот стои дека доколку не се се решат проблемите со недостаток на работни места, здравствената заштита, образованието, земјата ќе стане нестабилна, што како што се вели во извештајот на ОН, ќе претставува закана по авганистанскиот народ и меѓународната заедница.

XS
SM
MD
LG