Линкови за пристапност

Поранешниот претседателски кандидат Хауард Дин е на добар пат да биде лидер на Демократите - 2005-02-09


Хауард Дин можеби не успеа како претседателски кандидат минатата година, но во моментов има реални шанси да ја предводи Демократската партија за време на вториот мандат на претседателот Буш.

Откако сенаторот Кери ја загуби претседателската трка, Дин одлучи да се кандидира за лидер на Демократите, со ветување дека ќе го зголеми рејтингот на партијата.

„Како прво, сметам дека мора да бидеме компетитивни во секоја федерална држава и како второ, навистина сметам дека треба да бидеме горди поради тоа што сме Демократи. Имаме порака што треба да ја пласираме и искрено мислам дека таа е подобра од онаа на Републиканците. Треба само да најдеме начин како да ја пласираме.“

Меѓутоа, некои Демократи стравуваат дека можно е Дин да не е вистинскиот човек за позицијата, велејќи дека неговиот либерален имиџ и потеклото од североисточниот дел на САД, нема да помогнат партијата да придобие симпатизери на југ и на запад, каде во последните години Републиканците добија значителна поддршка.

Други Демократи оптимисти и сметаат дека изборот на Дин на оваа функција е очигледен.

Меѓу нив е и сенаторот од Масачусец и поранешен претседателски кандидат Џон Кери, кој неодамна даде изјава за телевизијата Ем-Ес-Ен-Би-Си.

„Хауард ќе биде мошне добар за партијата, многумина се загрижени, но не и јас. Тој водеше кампања низ земјата, ги слушаше луѓето и го чувствува пулсот на земјата.“

Поразот на сенаторот Кери на претседателските избори предизвика дебати во рамки на партијата за тоа дали Деморкатите треба да се придржуваат до нивниот традиционален либерален пристап или да усвојат поумерен став по одредени прашања.

Сенаторот од Масачусетс, Тед Кенеди е меѓу оние законодавци кои велат дека Демократите треба да се заштитат за да не станат, како што кажа, клонирани Републиканци.

„Доколку го сториме тоа, повторно ќе изгубиме и тоа ќе биде заслужено. Како што сум рекол и во други прилики, последното нешто што и треба на нашата земја се две Републикански партии.“

Краткорочно, велат аналитичарите, Демократите мора да одлучат кога да му се спротистават на претседателот, а кога да соработуваат со него. Џон Вајт е професор по политички науки на Католичкиот Универзитет во Вашингтон.

„Тие треба да развијат порака и идеи. Тие навистина треба да разработат план. Опозиција се и треба да решат кога ќе се судрат со претседателот и со Републиканците, а кои се прашањата по кои може да се спогодат.“

Исто така краткорочно, Демократите се надеваат дека ќе забележат подобри резултати за време на конгресните избори наредната година, а неколку влијателни членови на оваа партија сметаат дека имаат добри шанси на претседателските избори во 2008-та.

Ако Хауард Дин биде избран за лидер на Демократите, тој вели дека тоа ќе биде пречка за неговото евентуално повторно кандидирање за претседателска функција.

XS
SM
MD
LG