Ситуацијата е алармантна, вели градоначалникот на општината Бистрица, Марјан Ѓеровски, по чие барање во август минатата година е спроведено ова истражување. -Од анализите се гледа дека концентрацијата на штетни материи во водата е голема. Тука имаме неколкукратно зголемување на концентрацијата на тешки метали, па и некои канцерогени честички, кои на некој начин потоа се враќаат преку земјоделските производи и млечните производи. Тоа е многу алармантно и воопшто не ме чуди тоа што Битола по бројот на канцерогени заболувања е меѓу првите во Македонија. Алармантните податоци од холанските научници го доведоа во прашање и квалитетот на водата за пиење. Место за паника нема, вели битолскиот градоначалник Златко Вршковски. Станува збор за недоразбирање, вели тој. -Можеме да потврдиме дека водата во Битола, воопшто не може да се прогласи за канцерогена, односно дека според сите правилници за квалитетот на водата , во Битола водата ги исполнува сите стандарди и дека сето ова едноставно моѓеме да го третираме како една недоречена работа, односно дел од некакво недоразбрање во односите меѓу општините Битола и Бистрица. Министерството за животна средина и просторно планирање ниту ги потврдува ниту ги отфрла наодите на Холандскиот факултет. Македонските стручњаци допрва ќе ги испитуваат водите на Драгор и Црна река, иако како што велат за мониторингот на квалитетот на водата во реките е задолжена Управата за хидрометеоролошки работи. Дури потоа ќе се одреди какви мерки ќе бидат преземени. Засега оттаму само известуваат – единствено е забележано зголемено присуство на јаглероден моноксид над максимално дозволената концентрација и тоа изминатиот викенд во Скопје, Битола, Тетово, Кочани и Кичево. Но тоа, според нив, не е за алармирање.