Трупите на НАТО од повеќе од десет земји се уште доминираат како мировно присуство во Косово. Во бранот насилства минатиот март неколкумина беа убиени а десетици повредени, кога мнозинските Албанци ги нападнаа домовите и црквите на малцинските Срби.
Алармирани поради недостаток од јасна политика на главните сили, Меѓународната кризна група со седиште во Брисел, во јануари издаде соопштение во кое повикува на независност на Косово. Поранешниот австралиски министер за надворешни работи, Гарет Еванс е претседател на организацијата. Според него нема друга алтернатива:
„Вистината за ова прашање е дека возот тргна. Враќање на владеење на Белград нема да се случи. Меѓународната заедница нема да го дозволи тоа. Тамошните услови се против такво сценарио. Статус кво е невозможно. Економската ситуација е воглавно катастрофална и тоа нема да се промени додека не се реши прашањето за законскиот идентитет на покраината.“
Косовските Албанци бараат независност, но Србија не се согласува. Вук Драшковиќ е министер за надворешни работи на Србија и Црна Гора:
„Според повелбата на ОН не е можно да легално да се промовира независна држава на територија на друга независна земја против нејзината волја. Тоа е јасно. Сепак, финалниот статус на Косово не може да биде ист како пред 10-ти јуни 1999-та“.
Независноста на Косово треба да биде одобрена од Советот за безбедност на ОН, каде најмалку две членки, Русија и Кина, се против тоа.
Светската организација инсистира пред да се дискутира за финалниот статус, властите на Косово да покажат почитување на демократските стандарди на добро управување. Господинот Драшковиќ смета дека тие стандарди не се исполнети:
„Тоа значи сите Срби кои беа избркани од Косово по 10 јуни 1999-та да можат да се вратат. Тоа значи обновување на повеќе од 40.000 српски куќи, како и 150-годишните цркви и манастири. Тоа значи европско ниво на заштитување на малцинствата – Срби и другите. Тоа значи европски модел на децентрализација на власта на Косово.“
Господинот Еванс од Меѓународната кризна група верува дека стандардите може да се бидат исполнети и да се постигне консензус меѓу сите страни:
„Едноставно, мора да мрднеме од оваа безизлезност. Чекор напред е да ја признаеме реалноста. Но, за независноста да се случи, треба да се создадат услови, да им се даде вистинска заштита на луѓето на Косово. И на меѓународната заедница ќе и се даде доверба дека не создава повторно нови неволји. Тоа е можно само со континуиран меѓународен мониторинг на подолг рок. Тоа е можно со меѓународно присуство во косовското правосудство како и елиминирање на идејата за приклучување на независно Косово кон Албанија или кон некоја соседна територија.“
Има некои значи на прогрес. Обајцата, и косовскиот премиер Рамуш Харадинај и Вук Драшковиќ, отворено зборуваат за потребата од дијалог меѓу Белград и Приштина. Но, сепак тие се на две различни страни по клучното прашање за независноста.