Линкови за пристапност

Буш:  реформи дома, ширење на слободата во странство  - 2005-02-03


Претседателот Буш во своето годишно обраќање до нацијата остана на тврдењето, многу критикувано од демократите но и од неговите сопартијци, дека системот на социјално осигурување во државата е пред банкрот и дека му треба итна, разумна и ефектна реформа.

Во својот 40-минутен говор за состојбата во која се наоѓа државата сепак немаше детали. Претседателот нив ги остави за тешките преговори во Конгресот за кои со сигурност се знае дека ќе уследат.

За разлика од Американците постари од 55 години, за кои претседателот вети дека нема да има никакви промени, помладите, рече тој, ќе наследат празни каси за бенефициите кои ќе им требаат во пензионерски денови. „Јас ќе работам со Конгресот за да дојдеме до најефектна комбинација на реформи“, додаде Џорџ Буш, предлагајќи широка идеја за создавање индивидуални пензиски сметки од страна на секој вработен.

Веднаш по социјалното осигурување, претседателот Буш вети дека ќе се фокусира на децата и нивното подигање во морални и одговорни граѓани, што го гледа како форма на заштита на институцијата брак. Во контекст на помагање на слабите и ранливите, тој кажа дека ќе гради култура на живот и дека нема да дозволи уништување на едни животи за сметка на други, односно креирање ембриони за експерименти. САД, рече тој, ќе продолжат да водат во светот на медицински истражувања што се амбициозни, прогресивни, но секогаш етички.

Вториот дел од говорот на претседателот беше посветен на надворешната политика, во кој доминираше контроверзната теза за ширење на демократија и слобода во светот.

Ставајќи го акцентот на заедничкиот настап на САД со сојузниците, претседателот рече - „Ќе ги поддржуваме демократските движења на Блискиот Исток и подалеку, со крајна цел - прекинување на тиранијата во овој наш свет. Победата на слободата во Ирак ќе ги инспирира демократските реформи од Дамаск до Техеран. А во Ирак ќе успееме, зашто ирачкиот народ ја цени својата слобода, како што покажа во неделата“. Сепак, ако треба да се извлече една реченица од овој дел – тоа секако би било предупредувањето до Иран, кого го нарече „примарен државен спонзор на терор“, да се откаже од програмата за збогатување на ураниум.

Демократскиот одговор, по традиција уследи веднаш потоа, оценувајќи го говорот како „веќе видено, веќе слушнато“, без конкретни одговори.

Се на се, ова беше говор полн со оптимизам во кој претседателот изрази уверување дека во четирите години што претстојат од неговиот мандат тој е на добар пат да ја оствари својата амбициозна агенда.

XS
SM
MD
LG