Линкови за пристапност

Во Вашингтон - Промовирана монографија за животот и делото на претседателот Борис Трајковски  - 2005-02-02


Меѓународната фондација Борис Трајковски објави монографија за неговиот живот и дело додека беше на функцијата претседател.

Фондацијата е со мисија да го продолжи наследството на претседателот Борис Трајковски, промовирајќи, во Македонија и пошироко, мир и почитување, добро владеење, квалитетно образование, принципи на пазарна економија и граѓанско општество.

Изреката „една фотографија е вредна илјада зборови“, мошне добро се вклопува во идејата за оваа монографија во сеќавање и чест на поранешниот претседател на Македонија, кој минатиот февруари трагично го загуби животот.

200-те страници содржат преку 270 фотографии заедно со опис на повеќето од активностите на Борис Трајковски. Целта е, се наведува во монографијата, да се долови неговата грижливост, определеност, лојалност, смисла за хумор, како и љубовта спрема семејството, пријателите и неговата родна Македонија.

Книгата е напишана и на македонски и на англиски јазик и претставува соодветно признание за, како што се вели во неа, личноста позната по визијата за унитарноста на земјата и за поширока регионална и меѓународна соработка.

Промоцијата на оваа книга беше во организација на македонската амбасада во Вашингтон, а покрај многубројните Македонци од Вашингтон и околината, на настанот што се одржа во хотелот Хилтон, присуствуваа и претставници од Белата куќа и Стејт департментот. Почесен гостин беше сопругата на претседателот Трајковски, Вилма Трајковска, која вчера имаше и средби со претставници на американскиот Конгрес. По тој повод македонскиот амбасадор во САД, Никола Димитров кажа:

„Разговаравме со сенаторот Воиновиќ, со претседавачот на Комисијата за апропријации, конгресменот Бил Јанг од Флорида и со конгресменот Елиот Енгел од Њујорк. Планирана е и средба со сенаторот Марк Саудер кој ја иницираше Резолуцијата на Конгрест во знак на почит и сочуство за претседателот Трајковски. Од една страна, целта беше госпоѓа Трајковска да се сретне со пријателите на поранешниот претседател, а од друга, тоа беше и прилика да се покренат одредени важни теми. Нашата политика во моментов прави да имаме пријатели во Америка и сите разговори поминаа во значително позитивна атмосфера“.

Автор на монографијата е Џејсон Мико кој воедно е и извршен директор на Меѓународната фондација Борис Трајковски.

Човекот на народот, стои во книгата, беше активен во се она што го правеше, вистински верувајќи дека Македонците со различно етничко и верско потекло, можат да живеат и работат заедно.

Промоцијата на монографијата ќе продолжи во Бостон и Њу Џерси.

XS
SM
MD
LG