Линкови за пристапност

vesti 2  - 2005-02-02


Ирак

Претставници на муслиманите Суни во Ирак велат дека на националните избори од неделата им недостасувало легитимност, поради слабиот одзив на Суните на гласањето.

Додека продолжува пребројувањето на гласовите, влијателната Асоцијација на муслиманските научни соработници, истакна дека ќе го почитува изборот на оние кои гласале, но новата влада би ја сметала за преодна со ограничени овластувања.

Новата влада во суштина е преодна, со мандат од една година. Свештениците Суни сепак велат дека таа нема да има доволни овластувања за да ја исполни главната задача – подготовката на нацрт Уставот на земјата.

Претставници на ирачката изборна комисија велат дека имало проблеми во некои области каде што живеат Суни, но Шиитите во земјата кои го претставуваат ирачкото мнозинство, неколкупати ветуваат дека Суните ќе имаат свој глас во новата влада.

Израел – Палестинци

Израелскиот премиер Ариел Шарон и палестинскиот лидер Махмуд Абас ја прифатија поканата на Египет за одржување блискоисточен самит наредната недела.

Јорданските извори велат дека кралот Абдула, кој го поддржува процесот за постигнување мирно решение на израелско-палестинскиот конфликт, исто така ја прифати понудата за самитот што ќе се одржи на 8 февруари во одмаралиштето Шарм Ел-Шеик на Црвеното Море.

Ова ќе биде прв самит меѓу Израел и Палестинците во речиси четири години и ќе коинцидира со посетата на државниот секретар Кондолиза Рајс на регионот. Рајс ќе има одвоени средби со господата Шарон и Абас еден ден пред самитот.

Состанокот претставува очекуван чекор откако г-динот Абас минатиот месец презеде иницијатива за запирање на палестинските милитантни напади врз Израелци.

Израел на ова одговори со прекин на воените операции и со Палстинците разговара за повлекување на своите трупи од неколку градови на Западниот брег.

Јован Павле Втори

Официјални лица на Ватикан велат дека Папата Јован Павле Втори се наоѓа во стабилна здравствена состојба, откако синоќа беше хоспитализиран поради тешкотии при дишење, причинети од настинка.

Во соопштението на Ватикан се вели дека 84-годишниот папа, примил соодветен третман, а неговиот портпарол изјави дека се очекува тој да остане во болница уште неколку дена.

Според дијагнозата се работи за акутно воспаление на респираторниот тракт.

Папата воедно пати од Паркинсонова болест, која постепено постепено влијае на контролата на мускулите, вклучувајќи ги оние на грлото и градниот кош.

САД – Северна Кореја

САД ги интензивираат напорите за обнова на шестраните разговори за нуклеарната програма на Северна Кореја.

Во интервјуа за новинските агенции Ројтерс и Франс-прес, американскиот државен секретар Кондолиза Рајс вели дека САД на Пјонгјанг веќе му имаат дадено, цитираме, добар предлог и чекаат тој да се прифати.

Засега Северна Кореја одбива да се врати на четвртата по ред рунда преговори, велејќи дека САД планираат да извршат воен напад врз неа, идеја што секретарот Рајс ја нарече „нереална“.

Во меѓувреме, директорот за азиски прашања во американскиот Совет за националана безбедност, Мајкл Грин кој се наоѓа во Сеул на разговори по прашањето за севернокорејската нуклеарна програма, вели дека администрацијата на Буш се надева оти Пјонгјанг ќе се врати на преговарачката маса.

Клинтон - ОН

Поранешниот американски претседател Бил Клинтон ја прифати понудата на генералниот секретар на ОН Кофи Анан да стане негов специјален пратеник за обнова на погодените региони од цунамите во Јужна Азија.

Претставници на ОН велат дека Анан верува оти Клинтон е најдобро квалификувана личност да го задржи светскиот интерес на обновата на регионот што при крајот на декември беше погоден од природната катастрофа.

Портпаролот на ОН Фред Екхард изјави дека поранешниот претседател може да помогне и да се воспостави мир по долгогодишните конфликти меѓу бунтовниците и владините сили во Шри Ланка и Индонезија.

XS
SM
MD
LG