Линкови за пристапност

Вести за 31.01.2005 - 2005-01-31


Палестинци - Москва

Палестинскиот лидер Махмуд Абас вели дека постои историска шанса за мир со Израел и дека Русија ќе има важна улога во овој процес.

Г-динот Абас ова го изјави за време на разговорите со рускиот претседател Владимир Путин во Москва.

Путин изрази надеж дека палестинскиот лидер ќе успее во имплементирањето на мерките потребни за подобрување на израелск-палестинските односи.

На средбата со рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, Абас ги пофали напорите на Москва за поддршка на мировниот процес.

Русија, заедно со САД, ОН и ЕУ го сочинува таканаречениот квартет што работи на мир меѓу Израел и Палестинците.

Алави - реакција за Ирак

Ирачкиот преоден премиер Ијад Алави кажа дека вчерашните избори во Ирак претставуваат голем удар за бунтовниците и ги повикува сите Ирачани да ги остават настрана разликите и заеднички да работат кон остварување мир и подобра иднина.

Во телевизиското обраќање до нацијата г-динот Алави кажа дека Ирак влегува во нова ера и ги повика сите Ирачани, без оглед дали гласале или не, да придонесат за успехот на земјата.

Ирачкиот премиер истакна дека неговата влада ќе продолжи да раководи со земјата се додека новиот состав на националното собрание не избере ново лидерство.

Победниците од вчерашните избори нема да бидат познати најрано за една недела. Изборната комисија проценува дека околу осум милиони или преку 60 проценти од лицата кои можат да гласаат, излегле на гласачките места.

Ирак - истрага

Во тек е истрага по вчерашното уривање на британскиот воен карго авион северно од Багдад, при што загинале 10 лица.

Властите во Лондон велат дека се свесни за извештаите дека можно е да е пукано врз авионот, но дека не можат да извлекуваат никакви заклучоци се до завршувањето на истрагата.

Милитантната група Ансар Ал Ислам со седиште во Ирак во соопштение објавено на Интернет вели дека е пукано врз авионот Це-130, додека летал од Багдад кон градот Балад, каде е стационирана голема американска воздухопловна база.

Хрватска - Хашки Трибунал

Евро-комесарот за проширување Оли Рен вели дека хрватските надежи за членство во ЕУ се во опасност, поради несоработката во однос на предавањето на поранешниот воен генерал Анте Готовина на Хашкиот трибунал.

Г-динот Рен денеска предупреди дека Хрватска мора да ја подобри соработката со Судот за воени злосторства или во спротивно ќе биде доведена во опасност нејзината аспирација за членство во Унијата.

Претставникот на Унијата, рече дека не би препорачал почетни разговори со Хрватска поради тоа што владата нема политичка волја да го уапси или предаде генералот Анте Готовина.

Г-динот Рен истакна и дека доколку ситуацијата не се промени, ЕУ ќе ги одложи разговорите за членство со хрватските претставници кои треба да започнат на 17 март.

Хрватската влада вели дека не знае каде се наоѓа Готовина и дека веројатно тој ја напуштил земјата.

Генералот е обвинет за осмисување на убиството на 150 Срби и за раселување на 150.000 други за време на балканскиот конфликт.

XS
SM
MD
LG