Линкови за пристапност

Двајца загинати во напад врз американската амбасада во Багдад - 2005-01-29


Гранати денеска го погодија комплексот на американската амбасада во Багдад, при што загинаа двајца Американци.

Во нападот најверојатно извршен со ракети или минофлрачки гранати загинаа двајца Американци, а најмалку четворица се повредени.

Според првичните извештаи, погоден е јужниот дел на Амбасадата, при што загинале еден цивил и еден припадник на армијата. Амбасадата е сместена во поранешната Републиканска палата на Садам Хусеин во строго обезбедуваната таканаречена „Зелена зона“ на градот.

Нападот се случи на ден пред првите слободни избори во Ирак во последниве 50-тина години.

Привремениот ирачки премиер Ијад Алави ги повика Ирачаните да излезат на утрешните историски избори, и покрај зачестените насилства што само денеска однесоа најмалку 20 животи.

Во интервју за британскиот телевизиски канал Скајњуз, премиерот Алави кажа дека Ирачаните не треба да им дозволат на бунтовниците да ги спречат во одлучувањето за својата иднина. Претходно, привремениот претседател Гази ал-Јавар кажа дека очекува стравот од насилство да одврати поголем дел од 14-те милиони Ирачани со право на глас. Во насилствата воочи изборите денеска загинаа најмалку 17 Ирачани и тројца Американци.

Земјата од безбедносни причини е практично целосно парализирана. Границите се затворени, сообраќајот е забранет, а во сила е и продолжен полициски час. Владата соопшти дека за уште еден месец ќе ги продолжи вонредните мерки во сите подрачја освен во полуавтономниот курдски север.

Насилството сепак не ги сопре изборните претставници кои продолжија со распределување на изборниот материјал и гласачките кутии.

Околу 85.000 Ирачани кои живеат во странство веќе ги дадоа своите гласови.

XS
SM
MD
LG