Линкови за пристапност

ОДБЕЛЕЖУВАЊЕ НА ОСЛОБОДУВАЊЕТО НА АУШВИЦ - 2005-01-27


///Ова е уреднички коментар што ги одразува гледиштата на американската влада///

ОДБЕЛЕЖУВАЊЕ НА ОСЛОБОДУВАЊЕТО НА АУШВИЦ

Денеска светските лидери се среќаваат во Полска на церемонии со кои се одбележува 60-тата годишнина од ослободувањето на нацистичките концентрациони логори. Американската делегација ја предводи потпретседателот Дик Чејни.

На 27 јануари 1945-та, единиците на тогашниот Советски Сојуз упаднаа во логорот Аушвиц во јужна Полска, каде пронајдоа ужасни резултати од политиката на германскиот диктатор Адолф Хитлер за вршење геноцид врз Евреите во Европа. Нацистите убија и милиони Словени, Роми и припадници на други етнички заедници. Во Аушвиц беа убиени преку еден милион лица, од кои 90 проценти Евреи.

Во април, 1945-та, американските сили ослободија два нацистички логора, Бухенвалд и Дахау. Британците го ослободија Берген-Белсен, каде пронајдоа илјадници незакопани човечки трупови и илјадници едвај живи затвореници. Преку насилни маршеви, принудна работа и систематски убиства, нацистичка Германија уби околу шест милиони Евреи, од кои четвртина беа деца. Овој геноцид оттогаш е познат под името холокауст.

На 24 јануари, ОН одржааа специјална комеморативна седница на Генералното собрание, на која беше одбележана годишнината од ослободувањето на нацистичките концентрациони логори. Авторот Ели Визел, добитник на Нобелова награда кој го преживеал холокаустот, обраќајќи пред Собранието запраша – Дали светот некогаш ќе извлече поука?

Доналд Брум, заменик-директор за прашања за холокаустот при американскиот Стејт департмент, вели дека одбележувањето на годишнината од ослободувањето од Аушвиц ќе служи како потсетник за злосторствата што човечките суштества можат да ги направат во служба на една зла идеологија.

„Сметам дека денес има вистински поуки што треба да ги извлечеме од холокаустот - сеќавајќи се на логорите, сеќавајќи се на смртта и злосторствата сторени таму - така што кога ќе погледнеме на денешните настани, без оглед дали тоа е анти-семитизмот во Европа или на друго место во светот, без оглед дали тоа се други видови предрасуди, против муслиманите, против луѓето од друга верска припадност, да сфатиме што може да се случи доколку не преземеме мерки - без оглед дали се работи за образованието, легислативата или спроведување на законите – да се бориме против овој вид на нетолеранција што всушност беше и во основата на она што доведе до холокаустот“, вели Доналд Брум.

Американскиот заменик-секретар за одбрана Пол Волфовиц во холокаустот ги загубил повеќето членови од своето пошироко семејство. Пред Генералното собрание тој кажа дека имало премногу ситуации во шесте децении по ослободувањето на концентрационите логори, кога светот ги игнорирал непријатните вистини со цел да не мора да реагира или пак реагирал предоцна. „Земјите не можат да ги затворат очите и да бидат пасивни во однос на геноцидот“, потенцира г-от Волфовиц.

///Доколку имате коментар на овој уреднички коментар што ги одразува гледиштата на американакста влада, испратете ни писмо на адреса Editorials, VOA, Washington D.C. 20237, USA. Можете да реагирате и преку електронска пошта на www.voanews.com/editorials, каде се наоѓаат и останатите уреднички коментари///

XS
SM
MD
LG