„Ако ја забораваме историјата осудени сме да ја повторуваме“, рече претседателот на Европскиот парламент Јозеп Борел отворајќи ја комеморацијата на 60 годишнината од ослободувањето на Аушвиц. „Важно е никогаш да не се заборави она што се случуваше во Втората светска војна кога нацистите убија милиоми Евреи, Роми, хомосексуалци и хендикепирани лица“, кажа Борел.
„Аушвиц е израз на апсолутно злосторство, незамислив хорор кој се случи и треба да биде запаметен за оние што на него се сеќаваат и за оние кои никогаш за него не слушнале. Холокаустот не се случи случајно туку затоа што расизмот, ксенофобијата и меѓурасната омраза тогаш биле доминантни вредности во општеството“ истакна претседателот на Европскиот парламент.
Парламентот испрати делегација во Краков на официјалната церемонија на комеморацијата во Аушвиц на која присуствуваа шефови на 40 држави и влади.
И како доказ дека нацистичките идеи се уште живеат, во Брисел денес на адреса на комесарот за правда и внатрешни работи Франко Фратини пристигна писмо со заканувачка содржина во кое се вели дека новите европски прописи против расизмот и антисемитизмот нема да го сопрат нацизмот во Европа. По инцидентот со британскиот принц Хари кој пред неколку дена на една забава се појави облечен како нацист, ЕУ одлучи на денешната сесија на министрите за правда да предложи забрана за користење на нацистички симболи во Европа. Во заканувачкото писмо до Фратини се вели дека “европските политички пигмејци никогаш нема да го победат национал социјализмот“ чиј што симбол е кукастиот крст. Фратини,пак, коментираше дека писмото нема да ја поколеба борбата против сите манифестации на расизам и нетолеранција.
Европската комисија соопшти дека писмото е напишано на лош италијански јазик и испратено од Велика Британија.